Синдикатот подготвува протести, правда ќе бараат и пред Уставниот суд
Од понеделник ССМ ќе одлучува дали ќе протестираат и ќе ја блокираат Владата со градежна механизација. Синдикатите најавуваат жесток одговор за донесените законски измени со европско знаменце. Велат нема да го чекаме потегот на Пендаровски, туку веднаш до Уставен ќе поднесеме иницијатива за оспорување на одлуката за зголемување на работната недела од 40 на 72 часа.
Загрижени се што законските измени може да засегнат и други работни места, затоа што не е дефинирано што е стратешки интерес за државата. Па така, и за работниците кои не се во градежништвото, постои ризик да работат и прекувремено и во недела и за празници. Токму затоа конфедерациите се сплотиле и заеднички ќе одговорат на, како што велат, ударот од власта.
„Не сакаме да се врати ропството во Македонија и не сакаме тие работници што во овој момент ги имаме со нас да гинат на работните места. Овие законски решенија не носат ништо добро. Да не се залажуваме и да веруваме во изјавите на владините претставници дека вака побрзо и поевтино ќе возиме по автопати. Напротив, не ни требаат такви автопати доколку на нив падне крв и човечки живот“ – Иван Пешевски, ССМ
Според Пешевски, најтрагично е што досега сите ангажирани компании се странски.
„Најголемиот дел од средствата ќе се одлеат во странските компании. Бехтел и Енка и сите оние коишто ќе бидат ангажирани на тој проект. Досега не видовме дека Бехтел и Енка има план да ангажира од домашните работници и домашните компании, бидејќи до синоќа ние немавме информација дека некој од нашите членки земал работа“ – Иван Пешевски, ССМ
Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека со измените се погазуваат законите и прашуваат зошто ако биле неопходни не биле донесени многу порано пред да помине рокот за пенали?
„Плаќаме казнени пенали од 53 милиони евра за коридорот 8, 15 милиони евра секоја година заради повторно тој закон не го донесоа така како што го договарале.“ – Гордана Димитриевска Кочовска, ВМРО-ДПМНЕ
СДСМ возврати - Реализацијата на овој стратешки проект, каде е предвидено да се вклучат домашни компании, значи нови 8.000 работни места, нови инвестиции од 1,3 милијарди евра и номинален раст на БДП за 2% годишно во наредните пет години.
Вчера во јавноста се појави нов дел од договорот, според кој, владата се обврзала да ангажира најмалку 5 специјалисти со месечна плата од 36 илјади евра.
Речиси секојдневните скандали со американско-турскиот конзорциум, го фрли во сенка надзорот на коридорите за кој посебен предмет водат и јавното обвинителство за организиран криминал и антикорупциската. Надзор на изградбата ќе вршат две фирми кои се поврзуваат со Бранислав Димитријевиќ, лице со криминално досие по кого трага ерменското обвинителство и една која порано шиела долна облека, па добила нова лиценца додека траел тендерот.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар