Сиљановска-Давкова: Нашата човечка големина не е во совршеноста и безгрешноста, туку во храброста да признаеме грешка

Нашата човечка големина не е во совршеноста и безгрешноста, туку во храброста да признаеме грешка, да се преиспитаме, да побараме прошка и да најдеме сила да простиме - се вели во пораката од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по повод одбележувањето на еврејскиот празник Јом Кипур, упатена до претседателот на Еврејската заедница, Пепо Леви, и до сите нејзини припадници.
- Дозволете ми, Вам, лично, како и на сите припадници на Еврејската заедница во Македонија, на чие чело сте, со длабока почит кон Јом Кипур, да ви упатам искрени желби за духовен мир, здравје и благосостојба! Јом Кипур, најсветиот и највозвишен празник во еврејската духовна традиција, е празник на тишината и молитвата, на постот и преиспитувањето, на покајанието и простувањето. На овој ден човекот се повлекува од секојдневната врева и со искрено и смирено срце се соочува со сопствената совест, со своите постапки и со одговорноста што ја има кон ближниот, кон семејството и кон заедницата - се посочува во пораката од претседателката Сиљановска-Давкова.
Нашата човечка големина, се додава, не е во совршеноста и безгрешноста, туку во храброста да признаеме грешка, да се преиспитаме, да побараме прошка и да најдеме сила да простиме.
- Денешниот ден нè потсетува дека помирувањето не е само религиозна, туку и суштинска човечка и цивилизациска вредност. Во свет во кој сме сведоци на поделби, нетрпеливост и отуѓување, вредностите на Јом Кипур се повик за човечност, достоинство и заемно почитување. Заеднички да го градиме македонското општество како место во кое секој човек слободно и достоинствено ќе ја живее својата вера, традиција и културен идентитет, а различностите ќе бидат мостови на разбирање, а не линии на поделба - се порачува во пораката од претседателката Сиљановска-Давкова по повод одбележувањето на еврејскиот празник Јом Кипур.
МИА
Ново на Сител
-

Преглед на вестите од светот
-

Од историското наследство до денешните предизвици одбележан 23 Октомври
-

Доделена државната награда „23 Октомври“
-

Цените на енергенсите растат, граѓаните стравуваат од нови поскапувања
-

Вакцинацијата со БСЖ за новороденчиња против туберкулоза ќе продолжи за 10-тина дена
-

До 2028 треба да се реконструира сала „Македонија“ во Прилеп, за Универзална сала ќе се прави елаборат за статиката
-

Од идеја до незавосност - Охрид го одбележува 23 Октомври
-

„Македонска ослободителна мисла 1893-1991“- непрекината 100 годишна идеја за создавање држава
