Свет
22. May 2017 - 8:20

Швајцарците на референдум поддржаа постепено гаснење на нуклеарните централи

Швајцарските гласачи на референдум се согласија со владиниот предлог за постепено откажување од нуклеарната енергија и за нејзина замена со користење други енерегетски извори.

Повеќе од 58 отсто од Швајцарците одобруваат свртување на оваа алпска држава кон „зелената енергија“.

Во Швајцарија има пет нуклеарни електрични централи, од постар датум, кои сега обезбедуваат една третина од енергетските потреби на земјата.

Засега нема определен рок за тоа кога ќе се започне со исклучувањето и затворањето на постоечките „нуклеарки“, освен најавената определба на владата, во иднина да се почне со вртењето кон другите извори, како што се сончевата енергија, ветрот и хидроцентралите.

Противниците на ваквиот владин план тврдат дека станува збор за скап проект и дека затворањето на нуклеарките ќе чини многу пари.

Тие сметаат дека определбата кон сончевите колектори, ветерниците и градењето хидро-централи ќе го разурнат сегашниот швајцарски пејсаж.

Еколозите, меѓутоа, како и партијата на „Зелените“ го поздравуваат определувањето на гласачите на вчерашниот референдум во неделата.

Лидерот на „Зелените“ Регула Риц резултатот од изјаснувањето на Швајцарците го оквалификува како „момент за историски промени“.

Швајцарската влада првпат се изјасни за постепено гаснење на нуклеарните централи уште во 2011 година, по хаваријата во јапонската нуклеарка во Фукушима, која беше оштетена од земјотресот и цунамито што го предизвика потресот.