Македонија
11. October 2017 - 16:11

Штипските политичари со честитки и пораки до граѓаните по повод 11 октомври

Со свечена седница на Општинската Организација на Сојузот на борците и полагање на букети цвеќе на споменикот на тврдината Исар денеска во Штип се одбележа 11 октомври, Денот на Народноослобиделното востание. Кандидатите за градоначалници на ВМРО ДПМНЕ и на СДСМ за Општина Штип, Илчо Захариев и Благој Бочварски упатија честитки и пораки до граѓаните.

-Чување на спомен обележјата, негување на нашите револуционерни традиции, сеќавајќи се на оние славни минати, е поука и обврска за нас со сите наши сили да ја градиме државата, да ја чуваме државата, да не дозволиме да се уништи нашата држава, да си биде унитарна како што си ја замислиле нашите партизани во Втората светска војна, вели Захариев, кандидат за градоначалник на ВМРО ДПМНЕ за Општина Штип.

Со своја порака истапи и кандидатопт за градоначалник од СДСМ, потпретседателот на партијата БлагојБочварски. 

-Денешните генерации, сите ние од оваа генерација на политичари и граѓани денеска треба да се бориме за нови вредности, подобрување на животите на нашите граѓани, да го прекинеме иселувањето на младите луѓе од Република Македонија и во наредниот период еве доаѓа моментот на ново ослободување на нашиот народ, на нашиот град, на нашата држава, од тоа што значи криминал и корупција, изјави Бочварски.

Носителот на советничката листа на партијата „Левица“, Борислав Крмов на денешната прес-конференција во Алејата на хероите им го честиташе празникот 11 Октомври  на штипјани, а воедно се осврна дека како партија ќе се залагаат да не се кршат работничките права.

Бочварски, инаку, на денешната прес-конференција најави урбанизација на викенд населбата Суитлак, каде што според неговата програма сопствениците на околу 300 викенд куќи ќе добијат нова водоводна и канализациона мрежа и асфалтирани улици, а во оваа населба ќе се гради и Аква парк.