Македонија
27. February 2024 - 12:20

Штип се уште чека базен

Четири години по ставањето на камен темелникот на затворениот градски базен во Штип, се уште не е изграден. Базенот требаше да биде со димензии од 25 метри должина и 10 метри широчина и да биде ставен во функција за граѓаните до крајот на 2021-ва година. Примарно, да се даде на располагање на пливачкиот клуб, за да можат младите штипјани да се научат да пливаат.

- Имаме и голем број на деца кои имат корективни проблеми, првично заради нив. Втората работа е што ние имаме голем број на рекреативци кои се уште се надеват дека тој покриен базен ќе биде изграден и ќе даде голем мотив и за нашиот клуб, но и на останатите граѓани на Штип. Ние сме универзитетски град и треба и мора да имаме базен, изјави Мирко Јакимовски-ПК „Челични“-Штип

Инвеститор на затворениот базен е Агенцијата за млади и спорт и е дел од проектот за изградба на 14 типски базени, од кои досега само во Тетово е даден во владение на локалната самоуправа. Бидејќи, градежните активности се стопирани веќе трета година, општина Штип се понуди со средства од локалниот буџет да биде финализиран објектот. Барањето им беше одбиено од страна на Агенцијата, со образложение дека, нема потреба за такво нешто, дека средствата се обезбедени, избрана е фирма изведувач, која до крајот на 2023-та година ќе има обврска да го догради затворениот базен. Меѓутоа, наместо спортско рекреативен центар, градот се уште има незавршен објект, обвиткан со лимена ограда и обраснат во бујна вегетација.