Македонија
10. August 2016 - 8:43

Штетите од поплавите се пријавуваат и во осигурителните компании

Граѓаните по невремето во викеднов од Скопско и особено подрачјата опфатени со поплавите пријавуваат штети и до осигурителните компании, иако информациите оттаму се дека мал број од имотите се осигурани. 

- Имаме зголемена фреквенција на пријавени штети на подрачјето на град Скопје и нашите проценители се постојано на терен. Штетите што се пријавуваат се од сите подрачја на градот, акцентот е на подрачјата кои беа најпогодени, велат од Винер осигурување и додаваат дека за жал очекувањата се дека минимален број имоти во најзагрозените подрачја се осигурени имајќи предвид дека процентот на осигурени имоти во Македонија е мошне мал.  

Наведуваат дека максимално се ангажирани да излезат во пресрет на своите корисници и штетите да бидат надоместени во најкус можен рок.

Државниот секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство Бесир Јашари, вчера информираше дека штети имаат пријавено 5 илјади семејства од 12 населени места во Скопско.  Како што рече стручни екипи се веќе на терен и вршат проценка на штетите, за кои се уште не може да се каже колкави ќе бидат. Извесно е само дека нема да влијаат врз земјоделското производство, а луѓето навреме ќе бидат обештетени.

 

 

Возилата само со автоодговорност не се осигурани од штети од поплава

Штетата на возилата кои се осигурани само од автоодговорност осигурителните компании нема да ја покријат. Овој тим на осигурување покрива само штети што возачот ќе ги направи кон трето лице. Односно, како што појаснуваат од Винер, во случај на сообраќајка трошоците за поправка на другото возило што е удрено место да ги плати возачот ги плаќа осигурителната компанија.

Ќе се покрие штетата од осигурителните компании само за возилата што имаат каско осигурување со вкулен ризик од поплави.

 

Полиси за осигурување од поплави во земјава 20.428

Според информацијата од Агенцијата за супервизија на осигурувањето во земјава има вкупно 20.428 полиси со вкупно бруто полисирана премија од 35.130 илјади денари од поплави. 

- Заклучно со 30 јуни, 2016 година вкупно се продадени 69.624 договори за осигурување, односно полиси кои во себе вклучуваат ризици од катастрофална природа како  земјотрес, поплава, град и мраз со вкупна бруто полисирана премија од 184.886.000 денари. Од ова,  20.428 полиси покриваат ризик од поплава со вкупна бруто полисирана премија од 35.130.000 денари, не информираат од АСО.

Нивните податоци покажуваат дека  6.194 полиси или вкупна бруто полисирана премија од 3.764.000 денари се однесуваат за физички лица, 1.166 полиси со бруто полисирана премија од 27.876.000 денари се однесуваат на правни лица, додека остатокот од 13.068 полиси со бруто полисирана премија од 3.490.000 денари се однесува на каско моторни возила.

 

Проектот Европа Ре дополнителна можност за осигурување од природни катастрофи

Граѓаните и бизнис секторот имаат можност да се осигураат и преку Европа Ре, која функционира во земјава во последните години, а главна цел е да го поттикне развојот на пазарот на осигурување од природни катастрофи и временски непогоди во Македонија, Албанија, Србија и целиот регион.

Во моментов се нуди покритие за ризик земјотрес, земјотрес и поплава и осигурување на приносот на земјоделците.

- На таков начин, граѓаните, бизнис секторот и земјоделците добиваат повеќе можности, за пристапна цена да обезбедат долгорочна и стабилна финансиска гаранција на нивниот имот при евентуални штети предизвикани од некоја природна катастрофа, како што се земјотресите или временски непогоди - поплави, суши, појава на град и друго, сметаат од АСО. 

Европа Ре пред се нуди експертска поддршка, решенија и реосигурување, со што партнерски локални друштва за осигурување можат полесно да креираат осигурителни полиси кои би биле по пристапни цени за крајните корисници, односно за граѓаните кои поседуваат имот, за малите и средните претпријатија и за земјоделците.

Моментално партнери на Европа РЕ во Република Македонија се Албсиг, Осигурителна Полиса и Кроација Осигурување Неживот.

Сузи Котева Стоименова