Свет
10. July 2016 - 11:28

Шпанските социјалисти одбиваат коалиција со Рахој

Втората по големина политичка сила во Шпанија, Социјалистичката работничка партија (ПСОЕ) соопшти дека не сака да биде дел од влада предводена од актуелниот премиер Маријано Рахој.

- Рахој не ќе може да смета на нашите гласови при формирањето на влада, изјави синоќа лидерот на ПСОЕ, Педро Санчес, по седницата на партиското раководство.

Санчес нагласи дека социјалистите и велат „не на голема коалиција“ со конзервативната Народна партија (ПП) на Рахој, додавајќи дека пратениците на ПСОЕ во Парламентот ќе гласаат против нов владин кабинет што би го предложил Рахој.

Шпанија се соочува со политичка криза од декември минатата година, кога на изборите ниту една партија или коалиција не освои доволен број пратеници за да може да формира Влада. По ваквиот ќорсокак, на 26 јуни беа одржани предвремени избори, на кои повторно победи ПП на Рахој, но ниту во новиот парламентарен состав ниту една партија или коалиција не може да обебзеди доволен број мандати за формирање стабилно мнозинство.   

Според извори во Мадрид, и покрај ваквата ситуација, Рахој ќе се обиде да формира влада и ќе побара од Парламентот да гласа за нејзина доверба до крајот на месецов. Доколку владата не добие доверба, ќе започне двомесечниот рок во кој парламентарните партии ќе имаат време да постигнат договор за нов владин кабинет.

Доколку и овие обиди завршат без успех, Шпанија ќе се соочи со уште едни парламентарни избори, трети за помалку од една година.