Македонија
9. October 2015 - 16:58

Сезоната на грип почна со петмина регистрирани случаи

Четворица од Куманово и еден од Ресен се првите пријавени случаи на заболени од грип. Сезоната почна, но се уште нема лабораториска потврда кој вирус циркулира во земјата. Здравствените власти очекуваат пикот да биде во декември и јануари кога секоја година регистрираат најмногу заразени. Кога ќе има зголемување на бројот ќе заседава и Комисијата за заразни болести со донесување на препораки за заштита.

-Се уште е рано да зборуваме за зголемен број. Постои разлика меѓу грип и настинка. Вообичаено кај грипот веднаш има висока температура за разлика од настинката каде тоа е постепено, вели др. Јованка Костовска од Министерство за здравство.

Од 15 октомври во сите Центри за јавно здравје ќе почне и имунизацијата против грип. На располагање има 31.000 дози. Здравствените власти ја препорачуваат на ризичните групи но и на сите оние кои работат во големи фирми. Годинава по барање на здружението, Министерството за здравство одобрило бесплатни вакцини за заболени со цистична фиброза.

-Здружението достави барање и веќе е доставено до центрите за јавно здравје дека за овие лица кои се на списокот вакцините се бесплатни, вели Костовска.

Според статистичките податоци, најмногу заболени и починати од грип имало во сезоната 2009/2010 кога беше пандемијата со свински грип. Тогаш од компликации на вирусот починаа 30 лица а над 54 000 беа заразени. Најмалку, или само 9.732 заболени имало во 2012 година.