Свет
19. April 2018 - 8:32

Северна Кореја: В петок седница на Централниот комитет заради „актуелниот историски период“

Северна Кореја ќе одржи пленарна седница на Централниот комитет на владејачката партија в петок, јави државната севернокорејска новинска агенција КЦНА.

Состанокот е свикан за да се разговара и да се одлучи „за прашања на политиката во новата фаза“ и за да се исполнат барањата на „актуелниот историски период“.

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера соопшти дека директорот на ЦИА Мајк Помпео неодамна ја посетил Северна Кореја и имал средба со лидерот Ким Џонг-ун. 

Претходно, „Вашингтон пост“ објави дека Помпео, кој е номиниран за функцијата државен секретар на САД, за време на велигденските празници бил во тајна посета на Северна Кореја и се сретнал со лидерот Ким Џонг-ун.

Според весникот, целта на средбата била да се постават основи за директни преговори меѓу Трамп и Ким за севернокорејската нуклеарна програма.