Бизнис
25. May 2017 - 15:08

Се зголемува интересот за егзотичните туристички дестинации

Туристичките работници очекуваат успешна летна сезона. И оваа година најатрактивни се Грција и Турција, но се поголем интерес има и за егзотичните дестинации како Куба, Малдиви, Занзибар, Сејшели, Маурициус, Бали,...

Како што беше речено денеска на прес-конференција во Сојузот на стопански комори (ССК), цените за аранжманите во Грција се нешто повисоки, додека понудите за Турција се исклучително поволни и се движат од 299 евра по лице, вклучувајќи авионски превоз и хотел со пет ѕвезди.

Испратен беше и апел до граѓаните да патуваат со етаблирани агенции, добро да ги разгледуваат аранжманите и двапати да проверуваат какви договори потпишуваат за да не бидат изманипулирани и за да ги добијат услугите што претходно им биле ветени.

- Туристичката понуда за оваа летна сезона е различна. Покрај вообичаените аранжмани за Грција и Турција, се нудат и Шпанија, Азурниот брег, Малдиви, Сејшели, Маурициус, Бали, Куба,... Најбарани се Грција и Турција со регионот на Анталија најмногу пред се поради добрата организираност, високиот квалитет на услугата во хотелите, морето и поволната клима, истакна претседателот на Туристичко-угостителската комора при ССК Аркан Керим.

Според него, дел од аранжманите за Грција и Турција се веќе продадени, но поголем број од граѓаните поради неизвесната политичка состојба во земјава се уште не одлучиле каде ќе летуваат.

- Македонските граѓани се повеќе се определуваат за летување двапати, пред и по сезона, наместо еднаш во јули и август, напомена Керим.

Александар Чоневски од „Игуана травел“ рече дека причина за минималното поскапување на аранжманите за Грција е поради конкуренцијата од српска страна. Тоа посебно важи, истакна, за Халкидики. - Во однос на цените, има мали поместувања нагоре, но долгогодишното партнерство влијае да нема поскапување кај нас, што не се одразува ниту на квалитетот на патувањето, ниту на услугата, соопшти Чоневски.

Досегашното искуство покажува, дополни, дека граѓаните повеќе одат на проверени дестинации, каде што летувале години наназад.

Во однос на егзотичните патувања, генералниот менаџер на „Војажер“ Мимоза Коневска Каимовски напомена дека се уште се нудат Египет и Тунис, но со трансфер преку Белград.

Од домашните дестинации се нудат Охрид и Дојран. Цените за Дојран се движат околу 200 евра, а аранжманот вклучува седум полупансиони во хотел со пет ѕвезди.

Одговорајќи на новинарски прашања, Керим потенцира дека туристичкиот сектор се соочува со сериозни пробеми кои мора да се решат, за што се чека формирањето нова влада и именувањето министер за економија. Еден од проблемите, посочи, е и тоа што се почесто македонските граѓани одлучуваат да патуваат со српски агенции.