Македонија
16. April 2024 - 16:31

Се затвораат испразнетите училишта

За само една година 14 основни училишта ставиле клуч на вратата. Државниот завод за статистика го објави извештајот за минатата учебна година, според кој за 2665 се намалил бројот на основци на крајот на учебната година, споредено со годината претходно. 

За 11 години, бројот на ученици во основно училиште се намалил за 11.810.

Сличен е падот и во средното образование. Според податоците на ДЗС, минатата година имало за 2.700 средношколци помалку од годината претходно.

Меѓутоа, она што загрижува е бројот на ученици кои биле запишани во септември, но не ја завршиле годината тука, во Македонија.

Кај основците, разликата е 2.854. Полоши години единствено биле учебната 2017/2018 и 2014/2015. Кај средношколците, пак, разликата е 2.549 и таму полоши години биле само 2015/2016 и 2016/2017 година.

Според експертите, намалувањето на вкупниот број на ученици се должи на намалениот природен прираст, но намалувањето на ученици во текот на една учебна година е добар индикатор за иселувањето од државата.

-По основ, најголем дел на иселување на младото население од земјава со карта во еден правец. Тоа е намалување врз на фамилијарни иселувања, односно на семејства и домаќинства кои целосно заминуваат во другите земји од белиот свет, вели поранешниот директор на Државниот завод за статистика, Дончо Герасимовски.

Државната статистика забележа и пад на бројот на паралелки, и во основно, меѓутоа и во средно училиште. Во основните училишта лани имало 60 паралелки помалку од претходната година. Меѓутоа, претходните години имало тренд на раст на бројот на паралелки и практично сега нивото е на учебната година 2020/2021 година

Средните училишта изгубиле 49 паралелки. Таму трендот е малку поразличен бидејќи бројот на паралелки две години по ред паѓа, но годините претходно растел.

И додека бројот на ученици опаѓа, бројот на наставници, барем во основните училишта расте. За само една година вработени се 283 наставници во основните училишта. И тоа е тренд кој трае веќе 11 години за кои вработени биле 2185 нови наставници.

Кај средните сликата е различна. Таму бројот на наставници континуирано паѓа. Само лани се намалил за 55, а во последните 11 години средните училишта изгубиле 278 наставници.