Се врати во сила Законот за акцизи, бензините и дизелот поевтини за два денара
Од денеска престана да важи Уредбата со законска сила за примена на Законот за акцизите за време на вонредна состојба, со што повторно стапи во сила Законот за акцизи. Тоа придонесе Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) да ги намали малопродажните цени на горивата.
Со укинувањето на дополнителната акциза за горивата која беше воведена како мерка за време на вонредна состојба, малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалија за два денара за литар, екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) поевтини за 13 денари, додека малопродажната цена на мазутот остана на исто ниво.
Затоа РКЕ донесе одлука од денеска ЕУРОСУПЕР БС – 95 да се продава за 61 денар на литар, ЕУРОСУПЕР БС -98 за 63, ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) за 52,5, екстра лесно масло за домаќинство 1 (ЕЛ-1) за 41,5 денари за литар, а цената на мазутот М-1 НС остана 30,823 денари за килограм.
Со тоа РКЕ всушност изврши усогласување на претходната одлука за цената на горивата, што беше донесена во понеделникот, со Законот за акцизи кој од денеска повторно стапи на сила.
– Поради истекување на важноста на Уредбата што беше донесена за време на вонредната состојба, се враќа на сила Законот за акцизи кој се применуваше пред да се донесе Уредбата. Поради оваа состојба, РКЕ донесе измена на одлука со што износите на одделни елементи кои влегуваат во структурата при формирањето на највисоките малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт, се променети согласно важечките износи на акцизите, утврдени во Законот за акцизи. Овие цени ќе важат се до донесување нова одлука, изјави претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.
РКЕ секој понеделник носи одлука за утврдување највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт.
Уредбата со законска сила за примена на Законот за акцизите за време на вонредна состојба Владата ја донесе на својата седница на 1 април 2020 година по што беше објавена во Службен весник, а во делот на горивата стапи на сила од 5 мај 2020 година.
Ново на Сител
-
Први преговори ВМРО-ДПМНЕ - ВЛЕН
-
Мицкоски: Во изјавите ќе го користиме терминот Македонија
-
Мицотакис: Не ги потпишуваме договорите од Преспа, тие се наше оружје
-
Се поставуваат безбедносни камери во зградата на Кацарска, овој инцидент е загрозување на нејзината безбедност
-
Демири не кажа дали договорците на Токсикологија се стручни туку му било жал што работеле без пари
-
Анализа на македонски експерти: Кои се мотивите за атентатот врз словачкиот премиер?
-
Палевски преноќи во Шутка
-
Прегласување: Течат роковите за тужби до Управен