Македонија
14. July 2017 - 18:17

Се укинуваат субвенциите за производство на македонска програма

Се формира посебен сектор за информирање во рамките на кабинетот на Премиерот и Генералниот секретаријат на Владата што ќе биде задолжен за протокот на сите информации од владата, министерствата и дел од јавните претпријатија и институции до граѓаните. Ова го најави министерот задолжен за информации, Робер Поповски на првата јавна расправа околу медиумските реформи. Според најавите на Поповски во секторот ќе има шест оддели во кои ќе работат околу 40 тина луѓе. Секторот ќе ги собира и пласира информациите од кабинетот на премиерот, но и ќе ги собира информациите од секторите за односи со јавност во министерствата и јавните установи и претпријатија, па од таму до граѓаните.

Поповски заедно со министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски меѓу првите реформи во медиумскиот сектор го најавија и укинувањето на радиодифузната такса за МРТВ и нејзиното финансирање од буџетот. Се укинува и комерцијалното рекламирање во јавниот сервис со цел овој медиум да не конкурира на комерцијалните медиуми.

Министерот најави и укинување на парите што министерството за информатичко општество ги дава на телевизиите за продукција на програмски содржини. Според негов овие пари во висина од  33 милиони денари и онака не се доволни за продукција на квалитетна програма, а при тоа создаваат многу обврски за комерцијалните телевизии.

Во Агенцијата за медиуми, пак, според Поповски треба да седнат експерти, луѓе кои не се на партиски позиции, потоа кои имаат долгогодишно искуство во медиумската сфера и кои ќе бидат, како што рече, чесни регулатори. Ќе се направат измени и на законот за пристап до информациите за да се намалат роковите за чекање на одговор од институциите.

Во втора фаза, како што најавија министрите, ќе се разговара и за останатите сектори како што е регулацијата на интернет порталите, саморегулацијата на медиумите, социјалната заштита на медиумските работници, безбедноста на новинарите...