Се проширува истрагата за ботоксите - уапсени двајца доктори
Двајца доктори се приведени во акцијата поврзана со нелегален бизнис со ботокс и филери. Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција ја проширува постапката со нови четири лица. Под лупа се пет локации во главниот град, меѓу кои претреси биле спроведени и во две здравствени установи.
Од Обвинителството засега не откриваат дали станува збор за јавни или приватни установи, ниту дали се поврзани со претходно опфатените лица во случајот од април годинава кога беа приведени и доктори од Градската општа болница Скопје, Клиниката за дерматологија и лица поврзани со приватни дерматолошки ординации.
„Врз основа на прибраниот доказен материјал, јавниот обвинител донесе Наредба за спроведување истражна постапка против четири лица. Тројца осомничени се товарат за кривичните дела „злосторничко здружување“ и „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“, додека едно лице е осомничено за кривичното дело „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“.
По предлог на надлежниот јавен обвинител, на сите четворица осомничени судот им определил мерки на претпазливост.
Ова е проширување на постапката од април годинава во обемната акција против организирани групи осомничени за нелегален увоз и дистрибуција на ботокс, филери и други медицински препарати што се користат во естетската медицина.
Претреси и апсења имаше во Скопје, Битола и Струмица, а беа опфатени 17 физички и шест правни лица кои се сомничат дека учествувале во извршување на кривичните дела „злосторничко здружување“, „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“ и „примање поткуп“.
Обвинителството не исклучува инволвираност и на други лица во случајот.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар
