Се помали надежите за преживеани по земјотресот во Колумбија, бројот на жртви е околу 300

Надежите за пронаоѓање преживеани по силниот земјотрес во западна Колумбија згаснуваат, откако спасувачките екипи и петтиот ден по катастрофата продолжуваат да извлекуваат тела од под урнатините.
Најмалку 294 лица загинаа, 320 и натаму се водат како исчезнати, а речиси 4.000 се повредени, покажуваат најновите податоци на колумбиската служба за управување со катастрофи. Повеќе од две третини од жртвите се регистрирани во градовите Кали и Переира.
Земјотресот со магнитуда од 7,4 степени ја погоди земјата нешто по 7:30 часот во понеделникот, со епицентар во близина на Сан Хосе дел Палмар. Потресот урна станбени згради и оштети училишта, цркви, болници и домови на широка територија, од пацифичкото пристаниште Буенавентура до главниот регион за производство на кафе и големите градови во западниот дел на земјата.
Во Кали, третиот по големина град во Колумбија со повеќе од два милиона жители, спасувачите продолжиле да ги пребаруваат купиштата бетон, тули и метал во потрага по исчезнати лица. Според службите, операциите за извлекување тела најверојатно ќе завршат денеска, по што ќе започне расчистувањето на урнатините со тешка механизација.
-Се наоѓаме во период на огромна тага – изјави Хуана Катано, која координира граѓанска иницијатива. Според неа, напорите постепено се насочуваат кон обновување на погодените подрачја.
Во Переира, кој се наоѓа во главниот регион за производство на кафе во Колумбија, стотици луѓе ја поминале ноќта на отворено, на душеци или во шатори во импровизиран камп во градски парк. Организаторите известуваат за недостиг од ќебиња, шатори, хигиенски материјали и храна.
Илјадници домови се целосно уништени, а многу луѓе не можат да се вратат во своите куќи додека властите не утврдат дали оштетените објекти се безбедни. По главниот потрес во земјата се регистрирани 269 последователни земјотреси, што дополнително го зголемува ризикот за спасувачите и волонтерите кои работат меѓу нестабилните урнатини.
Катастрофата се претвори и во прв голем тест за претседателот Абелардо де ла Есприела, кој стапи на должност само една недела пред земјотресот.
Тој беше критикуван за реакцијата на властите во првите часови по катастрофата, особено поради првичното одбивање на понудите за испраќање спасувачки екипи од некои држави. Подоцна Колумбија прифати екипи од САД и Израел.
Некои од лицата кои спасувачите ги бараа во изминатите денови станаа симболи на спасувачката операција. Триесет и двегодишната Даниела Ларго, која преживеала 36 часа под урнатините, подоцна почина во болница.
Дваесет и четиригодишниот Хуан Фелипе Хиралдо бил пронајден мртов по долготрајна спасувачка операција во урнат хотел. Тој требало да се ожени во недела и зад себе остава двегодишен син.
Во меѓувреме, илјадници луѓе во Меделин и Богота се приклучиле на кампањи за помош на настраданите, донирајќи храна, облека и лекови за погодените подрачја.
МИА
Ново на Сител
-

Големиот пожар кај Струмица е ставен под контрола
-

Сиљановска-Давкова ги додели наградите на победниците на 39. Охридски пливачки маратон
-

Ангелов: Ова е еден од најтешките денови, активни се над 15 пожари на отворен простор
-

Во гаснењето на пожарот кај Струмица се вклучи и еден ер трактор
-

Ѓорѓиевски: Запуштениот тревник на плоштад ,,Македонија” станува мала зелена оаза
-

СВР Скопје и ДЗС со превентивна акција за заштита од пожари во Чучер Сандево
-

Уште еден смртен случај од западнонилска треска, вкупно пет починати досега
-

Кривична пријава против Латвиец за криумчарење мигранти
