Македонија
19. March 2024 - 21:17

Се кројат пратеничките листи – партиите со стари кадри ќе одат на избори

Со стари кадри и позната реторика, политичките партии влегуваат во трката да се обезбеди власта во следните четири години.

На Бихаќка се прават интензивни калкулации, иако имињата ќе се држат во тајност до сабота за кога е најавен партискиот конгрес. Неофицијално веќе се познати носителите на изборните листи. Ковачевски е во првата изборна единица, се поизвесно е Спасовски да ја предводи двојката, а во тројката Лукаревска и Николовски. Во четвртата изборна единица се очекува дека листата ќе ја предводи Венко Филипче, во петката собранискиот спикер Митревски и во шестката наместо Петровска, може да се најде претседателот на младината Марко Михајловски.

Заедно со Ковачевски како коносител во единицата ќе биде Моника Зајкова, која ја потврди нејзината позиција и очекува уште двајца кандидати од ЛДП да влезат во новиот состав на парламентот.

Во ВМРО-ДПМНЕ веќе се јасни позициите во скоро сите изборни единици, освен за петката каде се споменуваат имињата на генералниот секретар Сајковски или на академикот Љупчо Коцарев. Во единицата листата ќе ја предводи Мицкоски, во двојката Владо Мисјаловски, Драган Ковачки во третата ИЕ, во четворка Николовски, и шестка Дафина Стојановска.  

Преку наративот за европскиот пат владејачката коалиција ќе се обиде да ја добие довербата на граѓаните, а опозицијата преку погрешни политики на актуелната гарнитура, да стигне до власта, велат аналитичарите.

Најголемата „битка“ се очекува во единицата, каде силите ќе ги одмеруваат Мицкоски, Ковачевски, најверојатно Џафери и Меџити, Апасиев и Арсовска.