Македонија
19. November 2015 - 17:36

Се чисти коритото на Голема Река во Ресен

Градоначалникот на општина Ресен Ѓоко Стрезовски и  координаторот на акцијата за чистење речни корита Зоран Кипревски денеска во атарот на селото Езерани извршија увид на активностите за чистење на коритото на Голема Река.

Според координаторот на акцијата Кипревски, Голема Река ќе се чисти од местото Подмочански мост до селото Долна Бела Црква, во должина од 1,5 километар.

- Во тек е извлекување на вегетација, чистење и проширувае на речното корито. Должината на овој потек од Езерани до Долна Бела Црква е 1,5 км. Потоа останува санирање на слабите точки на Голема Река и чистење на останати речни корита како Источка во Царев Двор, Дрменска Река и други притоки на Голема Река, информира Кипревскик.

Општина Ресен, како што истакна градоначалникот Стрезовски, продолжува со преземање активности за чистење на речните корита.

- Се работи на зацртаните мерки и аткивности со акциониот план за 2015 година, што во моментов се спроведуваат на речните корита во Преспа,. Во моментов се спроведуваат активности на главниот воден реципиент, Голема Река, кој во услови на поголеми врнежи прави штета врз земјоделските површини и врз дел од некои населби како Езерани и Долна Бела Црвква, изјави Стрезовски.

Тој очекува до крајот на овој месец да завршат активностите зацртани со акциониот план за 2015 година.

- Службите на Општина Ресен работат интензивно на подготвување на акциониот план и за наредната 2016 година со што ќе го продолжиме континуиитетот за чистење на речните корита и избегнување на сите опасности што се закануваат од големи врнежи од дожд и снег, нагласи Стрезовски.

Кире Настевски, жител на Преспа изрази благодарност за преземените активности за чистење на коритото на Голема Река, која години наназад предизвикувала штета, но со чистењето, очекува дека годинава нема да има проблем.