СДСМ со антикорупциски тим на партијата ќе ги открива скандалите на ВМРО- ДПМНЕ
СДСМ од утре започнува со објавување на нови бомби 2.0. Како што вели лидерот Филипче, преку докази и документи ќе се разобличуваат коруптивните зделки и криминалната мрежа на актуелната власт. Се формираше тим во партијата, од експерти во областа на правото и млади активисти на СДСМ кои ќе истражуваат скандали на ВМРО-ДПМНЕ и ќе поднесуваат пријави.
Филипче ја повика и европската обвинителка Лаура Ковеши да дојде во Македонија и лично да се запознае со малверзациите кои ги прави ВМРО-ДПМНЕ со европските фондови. Сите ќе ве реши, Лаура Ковеши, испратија веднаш порака од новоформираниот антикорупциски тим на СДСМ, по изјавата на Филипче.
Лидерот на СДСМ ќе бара помош и од италијанските антикорупционери кои се бореле со сицилијанската мафија- ако Италија се справи со Коза Ностра, Македонија ќе се справи со мафијата на ВМРО-ДПМНЕ, вели Филипче.
- Иронично е Филипче да зборува дека формирал антикорупциски тим за борба со криминалот, кога токму од неговите редови извира криминалот во државава, почнувајќи од Зоран Заев, Артан Груби, Васко Ковачевски. СДС се последните кои имаат право да делат лекции за корупција, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Денеска од владејачката партија повторно прашуваат дали 1,3 милиони евра од набавката на житото во 2022 година, завршиле во џебовите на Зоран Заев, Венко Филипче и Љупчо Николовски, додека пак од СДСМ возвраќаат дека за време на нивното владеење не се набавувала незаконски пченица и дека ВМРО-ДПМНЕ интензивно лаже додека краде од народот преку наместени тендери.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
