Македонија
25. May 2024 - 16:38

СДСМ се подготвува за нов лидер

СДСМ во понеделник ќе утврдува датум кога ќе се одржат внатрепартиските избори, но ќе одреди и роковник до кога ќе може да се пријават кандидатите кои ќе сакаат да застанат на чело на партијата.

Кандидатите кои ќе претендираат за претседателското место на СДСМ, по роковникот кој ќе биде утврден во понеделник, ќе треба да се пријават но и да достават програми, кои се нивните планови ако раководат со партијата.

Гласањето за претседател на СДСМ ќе биде како минатиот пат, односно членството ќе го избере новиот лидер, по принципот на активна регистрација. Тие што се пријавиле да гласаат, само тие ќе имаат можност да дадат глас за избор на новото раководство.

Според калкулациите на партијата, новиот состав на СДСМ би требало да биде одбран до крајот на јуни.

Од имињата кои кружат во јавноста, за нов претседател на Социјалдемократскиот сојуз, се поранешниот министер за здравство Венко Филипче, актуелната министерка за одбрана Славјанка Петровска, директорот на царина Стефан Богоев, директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски кој му беше и противкандидат на Димитар Ковачевски, на минатите внатрепартиски избори.

Од сите спомената, потврда дека размислува за канидатура добивем до Салвајнка Петровска. Таа вели:

-Сериозно размислувам да кандидирам за Претседател на СДСМ. А ако станам Претседател  времето ќе покаже дали ќе бидам и лидер. Лидер не се бира, лидер се покажува на дело.

Јас сум социјалдемократ и по убедување и по начинот на кој се однесувам и дејствувам и тоа и понатаму ќе биде темелот на моето дејствување и во иднина. Доколку се кандидирам за Претседател ќе понудам  Манифест за социјалдеморкатијата во која фокусот е иделогијата, тимот и членството.

Тимот ќе биде составен од млади социјалдемократи, но и искусни кои во минатото биле дел од раководството на СДСМ, вели Петровска.

Стефан Богоев пак ни одговори дека се уште нема донесено одлука.

По поразот на парламентарните избори, членството беше согласно дека се потребни кадровски решенија, реформи и дисконтинуитет на актуелната политика.

На извршниот одбор на СДСМ минатата недела, лидерот Димитар Ковачевски, официјално се повлече од претседателското место на партијата. Со него и членовите на Извршниот одбор, раководството на СДСМ, заменик претседателката и потпретседателите, генералниот и организациониот секретар и секретарот за меѓународна соработка, поднесоа оставки од функциите.

Од партијата ги повикаа и членовите на Централниот одбор, да го следат примерот како морален чин на одговорност.