Свет
20. April 2017 - 8:49

САД размислуваат да го вратат Пјонгјанг на листата на терористички земји

Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон изјави дека САД ги разгледуваат сите можности како да извршат притисок врз Северна Кореја поради нејзината нуклеарна програма, а се размислува и за тоа дали Пјонгјанг треба да се врати на американската листа на држави кои поддржуваат тероризам.

- Го разгледуваме целиот статус на Северна Кореја, од гледна точка на државна поддршка на тероризмот, како и други начини со кои може да се изврши притисок врз режимот во Пјонгјанг со цел да се започне дијалог, но различен од претходниот. Ги разгледуваме сите опции, истакна Тилерсон.

Тој, исто така, се осврна и на Иран кој, според него, продолжува да врши „загрижувачки провокации“ за дестабилизирање на земји од Блискиот Исток и поткопување на американските интереси во Сирија, Ирак и Либан.

- Иран има потенцијал да го помине истиот пат како Северна Кореја и да го вовлече светот со себе, нагласи Тилерсон, еден ден откако најави преглед на американската политика кон Техеран, имајќи ги предвид и санкциите.

Според него, меѓународниот договор за нуклеарна програма во крајна линија нема да ја постигне целта. Државниот секретар на САД истакна дека „иранските нуклеарни амбиции претставуваат закана за светскиот мир и стабилност“.