Свет
17. April 2017 - 14:02

САД и Јужна Кореја ќе одговорат на севернокорејските воени провокации

САД и Јужна Кореја го предупредија денеска Пјонгјанг дека повеќе нема да толерираат ракетни или нуклеарни тестирања и ќе воведат дополнителни санкции против изолираната азиска држава во случај на нови воени провокации, изјавија американскиот потпретседател Мајк Пенс и вршителот на должност јужнокорејски претседател Хванг Кјо-ан по разговорите во Сеул.

Пенс предупреди да не се става на тест американската решителност, потсетувајќи на неодамнешниот ракетен напад врз Сирија. Тој нагласи дека „заврши ерата на стратешко трпение“, надевајќи се дека тоа ќе биде јасно разбрано од страна на Пјонгјанг. Пенс додаде дека САД и нивните сојузници ќе ги постигнат своите цели „или со мирни средства или на крајот со она што е потребно“ за да ја заштитат Јужна Кореја и да го стабилизираат регионот.

- Сите опции се ставени на маса за постигнување на целите и гарантирање стабилноста на луѓето во таа земја, изјави Пенс.

Двајцата високи претставници се договорија во Јужна Кореја да бидат поставени американски системи за противракетна одбрана ТААД.

Кина, пак, соопшти дека е против поставувањето на противракетен систем, кој се смета како закана за безбедноста, иако според САД тој е наменет единствено за заштита од севернокорејски ракетен напад.

- Ние сме одлучно против поставување на ТААД на полуостровот. Таа позиција е јасна и не може да се промени, истакна портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Лу Кан.