Македонија
3. October 2023 - 16:43

Ревизорите утврдиле низа неправилности во Битолската болница, работеле во друга, а добивале пари за дежурство

Немедицински кадар во битолската Клиничка болница незаконски земал пари за дежурства. Само лани добиле 15.000 евра, а заедно со на лекарите и сестрите по овој основ и без согласност од Министерството за здравство исплатени се 600.000 евра. Државниот завод за ревизија утврди низа неправилности во работењето на здравствената установа која ја следат повеќе скандали. Во извештајот се наведува дека во болницата на пациентите достапни им биле само 39 проценти од законски задолжителните термини за здравствени услуги. Ревизорите утврдиле дека медицинскиот кадар немал полно работно време во неделата.

- Воспоставена е пракса дел од работното време да се реализира преку 12 часовно до 24 часовно дежурство по што се користат повеќе слободни денови, а часовите поминати во дежурство се сметат како часови поминати во полно работно време, посочуваат од ДЗР.

Од друга страна околу 114.000 евра биле исплатени за прекувремена работа на 303-ца вработени, за што исто така ревизорите утврдиле неправилности бидејќи дел од нив работеле над дозволениот максимум, а не бил известен трудовиот инспекторат да врши контроли. 

Имало и такви медицински лица кои паралелно работеле и во други болници за надоместок, а во исто време биле евидентирани дека се на работа во Клиничка Битола, односно и од двете места земале пари.

Ревизорите нагласуваат и дека акцелераторот за третман на онколошки пациенти повеќе од 10 години фаќа прашина и откако е купен воошто не бил ставен во функција за пациентите.

- Имајќи ја предвид потребата од подобрување и зголемување на достапноста на онколошките здравствени услуги и рационалното користење на буџетските средства, ревизијата укажува дека е потребно во најкус можен рок да се преземат активности од страна на Болницата во соработка со Министерството за здравство за ставање на апаратот во употреба, се вели во соопштението од ДЗР.

Инаку само годинава во јавноста беа обелоденети сомневања за неколку смртни случаи на млади лица во Битолската клиничка болница. За 24 годишното момче кое почина минатата недела неполни 8 часа по приемот, министерот формираше стручна комисија која треба да го испита третманот.