Македонија
15. August 2018 - 11:16

Реконструкција на улицата „Гоце Делчев“ во Кичево

Во Кичево ќе се реконструира улицата „Гоце Делчево“ што ја поврзува старата чаршија со улицата „11 Септември“.

Како што најави градоначалникот Фатмир Дехари улицата ќе биде проширена, ќе се постават нови тротоари, вертикална и хоризонатална сообраќајна сигнализација, ново осветлување и хортикултурно ќе се уреди.

Сите предвидени процедури се завршени и се очекува по летните одмори да започне да се реализира оваа инвестиција на општината.

Со реконструкцијата на овој пат комплетно се завршува реконструкцијата на главните улици во строгиот центар на градот Кичево кои се реновирани со средства од општинскиот буџет.

Покрај овој пат Дехари најави дека ќе следува реконструкција и изградба и на други помали инфраструктурни објекти не само во градоското подрачје, туку и во руралните средини на целата територија на  општината.

Како поголема инвестиција во руралниот дел е изградбата на канализациската мрежа во должина од 106 км во вредност од околу 13 милиони евра, со средства од ЕУ, односно од ИПА 2 фондот. Со оваа инвестиција или пак со овој проект се предвидува изградба на канализациска мрежа чија должина ќе се протега од село Србјани до село Зајас и од Кичево до село Премка.