Македонија
1. December 2025 - 8:20

Реформската агенда и Берлинскиот процес низ призмата на европската интеграција: Улогата на парламентот во спроведувањето на регионалните приоритети

Во Собранието денеска ќе се одржи настан за Реформската агенда и Берлинскиот процес низ призмата на европската интеграција и Улогата на парламентот во спроведувањето на регионалните приоритети. 

Настанот е во организација на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ - Скопје (ИДСЦС), во соработка со Комисијата за европски прашања и Меѓупартиската група за следење на имплементацијата на Берлинскиот процес и реформската агенда, а во рамки на проектот „Зајакнување на учеството на граѓаните и бизнисите во Берлинскиот процес и Реформската агенда во Република Северна Македонија“, финансиски подржан од Фондација Отворено општество - Западен Балкан.

Поздравни обраќања на отворање на настанот ќе имаат потпретседателот на Собранието и претседател на Комисијата за европски прашања и претседавач со Меѓупартиската група за следење на имплементацијата на Берлински процес и Реформската агенда Антонио Милошоски, заменик-министерот за европски прашања Викторија Трајков и претседателот на Институтот за демократија Марко Трошановски. 

Настанот ќе опфати и две панел-дискусии:Берлинскиот процес по Лондон 2025 – следни чекори за парламентарната димензија и Реформскиот пат кон ЕУ – институции, имплементација и препораки. 

Во рамки на панелот за Берлинскиот процес по Лондон 2025 – Следни чекори за парламентарната димензија на процесот ќе бидат презентирани главните резултати и приоритети од Самитот на Берлинскиот процес во Лондон и отворање на конструктивен дијалог меѓу парламентот и владата за спроведување на преземените регионални и европски обврски. 

На панелот за Реформскиот пат кон ЕУ: Институции, имплементација и препораки е предвидена дискусија за степенот на имплементација на чекорите и реформите од реформската агенда како дел од Планот за раст.

 

МИА