Македонија
9. July 2015 - 14:40

Размената со Грција без потешкотии, во отежнати услови

Македонските компании генерално во соработката со грчките компании немаат евидентирано позначителни проблеми, иако потенцираат дека соработката се одвива во отежнати услови поради неизвесноста на ситуацијата, што подразбира и можно намалување на обемот на нарачки како резултат на економската состојба во земјата. 

Ова го истакна извршниот директор на Комората Јелисавета Георгиева на денешниот состанок што се одржа во Стопанската комора на Македонија за актуелните проблеми во стопанската соработка со компании од Република Грција. На состанокот присуствуваа компании од областа на прехранбената, металната индустрија, енергетиката, градежништвото, туризмот, а целта, како што соопштуваат од Комората, е да се добијат поопсежни информации за можните проблеми и состојби во соработката на македонските со компании од Грција, како и да се договорат следни координирани активности околу деловната соработка меѓу компаниите од двете земји.

Од Комората посочуваат дека надворешно-трговската размена на Република Македонија со Република Грција е значајна од аспект на вкупната надворешно-трговска размена, посебно имајќи предвид дека Грција континуирано се наоѓа меѓу петте најзначајни наши надворешно-трговски партнери.

Потврда на ваквите состојби се и официјалните статистички показатели, кои говорат дека вкупната трговска размена со Република Грција во првите 5 месеци од 2015 година достигна вредност од 272,6 милиони американски долари, што претставува пад од 109,7 милиони долари или 28,7 отсто во однос на овој период од 2014 година. Тој процент на намалување се однесува и на извозот и на увозот. При тоа, остварен е извоз во вредност од 68,7 милиони долари, што претставува намалување од 27,6 милиони долари, додека увозното салдо од 203,8 милиони долари значеше намалување од 82 милиона долари споредбено со тој период од 2014 година.

Во вкупната надворешно-трговска размена на Република Македонија со Република Грција за првите 5 месеци од 2015 година остварен е трговски дефицит од 135,1 милиони долари.

Тренд на намалување има и учеството на Грција во вкупната надворешно-трговска размена со Македонија за 6,4 проценти, што споредбено со тој период претходната година претставува намалување за 1,4 отсто. Учеството на извозот од 3,9 отсто претставува намалување од 1,1 отсто, а учеството на увозот од 8,1 отсто е намалување за 1,5 процентни поени.

Намалување во размената забележано е кај неизжилен тутун за 49,5 отсто, плоснато валани производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени, не повеќе обработувани од топловаланите со ширина од 600 мм или повеќе, ненамотани за 48,5 отсто, плоснати валани производи од железо или нелегиран челик, премачкани, лакирани или обложени со пластична маса за 46,1 отсто, други отпадоци и остатоци од железо за 45,8 проценти, феросилициум за 33,2  отсто, ткаенини за 23,6 проценти, овчо месо за 20,9  отсто, маици, поткошули и други елеци за 18,1 отсто, заварени цевки што не се со кружен попречен пресек за 11,8 проценти...

На страната на увозот намалувањето најмногу се должи на нафтени масла и масла добиени од битуменозни минерали, други плетени или хеклани материјали, други примарни форми од железо или нелегиран челик, течен бутан, други конструкции и делови од конструкции од железо, челик или алуминиум, шипки и прачки од железо и нелегиран челик.  

Согласно дискусијата на состанокот од страна на присутните компании, пресудна ќе биде разврската која деновиве треба да се случи во однос на грчките предлози од страна на тројката (Европската унија, Европската централна банка и ММФ) за да продолжи тековното функционирање на банкарскиот систем во Грција и имплементација на бараните реформи.

Стопанската комора на Македонија најавува дека и натаму ќе ја следи состојбата околу размената и во наредниот период редовно ќе организира вакви состаноци со цел да се преземат чекори доколку дополнително се јават проблеми во соработката меѓу компаниите.

- Ако е потребно, ќе се организираат состаноци и со министерствата за економија, финансии и надворешни работи, како и со Царинската управа, согласно проблематиката на соработка.