Раст на БДП од 3,5 отсто во 2026 година и 3,8 отсто во 2027, инфлацијата годинава ќе биде околу 4 проценти

Се очекува раст на БДП од 3,5 % во 2026 година и негово забрзување достигнувајќи 3,8 % во 2027 година. Притоа главен двигател и натаму ќе бидат инвестициите, особено јавните инфраструктурни проекти, како и постепеното закрепнување на надворешната побарувачка. Ова го истакна денеска на прес-конференција гувернерот Трајко Славески.
Тој информира дека Советот на Народната банка, на седницата одржана денеска, ги разгледал и ги усвоил најновите макроекономски проекции, содржани во кварталниот извештај на Народната банка.
- Во извештајот е заклучено дека светската економија и понатаму се соочува со значителни ризици. По растот од 3,4 % во 2025 година, се очекува умерено забавување на светскиот раст, кој би се свел на 3,1 % во 2026 година, а светската инфлација е нагорно ревидирана. Главниот извор на неизвесност и натаму се геополитичките конфликти, особено ескалирањето на состојбата на Блискиот Исток, што значително влијае врз цените на примарните производи и трговските текови. Засега, според основните сценарија на меѓународните институции, се претпоставува брзо завршување на конфликтот, односно не се очекува дестабилизирање на инфлациските очекувања, ниту поголемо затегнување на светските финансиски услови - соопшти Славески.
Притоа додаде дека во однос на домашната економија, најновите макроекономски проекции исто така се потпираат на умерено сценарио, според кое се очекува побрзо завршување на конфликтот, нормализирање на снабдувањето со нафта и постепено намалување на цените во втората половина од годината.
- Според овие проекции, се очекува дека инфлацијата ќе изнесува околу 4 % во 2026 година, при што стабилизирањето ќе биде побавно во услови на повисоки цени на енергентите и храната. Во наредниот период се очекува постепено намалување на инфлацијата на речиси 3 % во 2027 година и нејзино враќање кон историскиот просек од 2 % на среден рок под влијание на закотвените инфлациски очекувања и ограничените притисоци од домашната побарувачка. Во вакви услови, проекциите за домашната економија упатуваат на умерено, но стабилно економско закрепнување - посочи гувернерот.
Тој истакна дека надворешната позиција на економијата се оценува како понеповолна на краток рок.
- Се очекува дека дефицитот на тековната сметка ќе изнесува околу 5,7 % од БДП во 2026 година под влијание на повисокиот увоз на енергенти и инвестициските активности. На среден рок се очекува негово постепено намалување при стабилни финансиски приливи, кои ќе обезбедат финансирање на дефицитот и натамошен раст на девизните резерви - нагласи Славески.
Тој рече дека банкарскиот систем и натаму обезбедува солидна поддршка за економијата.
- Во првиот квартал од 2026 година кредитната активност бележи годишен раст од 13,1 % при очекувања за умерено забавување до крајот на годината. Депозитната база и натаму расте солидно, што укажува на стабилна доверба и поволни услови за штедење. На среден рок, 2027 - 2028 година, се очекува просечен раст на кредитите од речиси 7,4 % при раст на депозитната база и во услови на стабилен и солиден банкарски систем - истакна гувернерот.
Истакна дека Народната банка ја задржува внимателната поставеност на монетарната политика во услови на зголемена светска неизвесност и променливо надворешно окружување.
- Ризиците и натаму се претежно надолни и се поврзани со геополитичките случувања и движењата на цените на примарните производи. Народната банка и во иднина ќе биде подготвена да ги користи сите расположливи инструменти и доколку е потребно, ќе преземе соодветни мерки за одржување на стабилноста на девизниот курс и ценовната стабилност на среден рок - истакна Славески.
МИА
Ново на Сител
-

Нетанјаху: За непријателите на Израел нема имунитет
-

СВР Струмица со повеќе активности го одбележа 7 Мај – Денот на македонската полиција
-

Шеснаесет возачи возеле без дозвола, кај еден од возачите пронајдена марихуана, а возач од Тетово возел со 1,46 промили алкохол
-

Дваесетгодишна државјанка на Турција е пронајдена почината во стан, потврдија од СВР Штип
-

Андоновски: Дигитализацијата е алатка за поконкурентна економија
-

Собранието го донесе Законот за Советот на јавните обвинители
-

Научник за само еден месец изел 720 јајца
-

Мицкоски: Наскоро ново проширување на лекови од позитивната листа
