Македонија
11. October 2019 - 18:35

Расчистени остатоците од опожарената куќа во селото Русиново

Заврши расчистувањето на остатоците од куќата и останатиот имот на тричленото семејство Воденски од село Русинови, кои пред една недела целосно изгореа во пожар. Во акцијата за расчистување учествуваа вработени во Јавното претпријатие за комунална дејност „Услуга од Берово“.

-Просторот околу опожарената куќа и имот се целосно расчистени од страна на вработените во „Услуга” за што сме им многу благодарни. Од утре па натаму, започнува поставувањето на нови темели на куќата со што се надеваме дека со помошта од општината и хуманите граѓани ќе успееме за брзо време да го изградиме првиот кат и да оспособиме една соба каде би живееле мојот брат и родителите, вели Драги Воденски.

Како што додава тој, во тек е и акцијата за собирање парична помош, која се одвива во најдобар ред.

-Веќе пристигнаа и првите поголеми донации од страна на наши иселеници по потекло од Русиново. Меѓу нив е Ванчо Воденски, татко на најпознатиот кик боксер Кристијан Воденски, кој донираше за помош на моите родители. Освен кон ова семејство, упатуваме благодарност и до сите останати хумани граѓани, кои донираа парична и секаква друга помош која ќе прдоинесе, наскоро да се издигне новиот дом на моите родители, додава Воденски.

Донации за помош на семејството Воденски се вршат на жиро сметката 240217003650133 – Унибанка, додека парични средства се собираат и на социјалните мрежи, под мотото „Да подадеме рака на семејството Воденски”.