Балкан
12. November 2022 - 11:10

Рама: ЕУ се однесуваше како федерација на богати егоисти, без Русија, Кина и Турција немаше да излеземе на крај со пандемијата

Албанскиот премиер Еди Рама, денеска, на мировниот форум во Париз, изјави дека Западен Балкан е обединет во многу тешки времиња и е оддалечен од војните.

Домаќин на форумот беше францускиот претседател Емануел Макрон, а на форумот присуствуваше и српскиот претседател Александар Вучиќ.

Објаснувајќи зошто Западен Балкан е обединет, Рама рече дека балканските држави исто гласале во Обединетите нации кога станува збор за осуда на рускиот напад врз Украина и заштита на нејзиниот територијален интегритет.

 

Рама се осврна и на однесувањето на Европската Унија за време на пандемијата на Ковид-19.

– Тие се однесуваа како федерација на богати егоисти бидејќи не ги споделуваа вакцините со другите на кои им беа потребни. Без Кина, Турција и Русија, немаше да ја преживееме пандемијата – рече Рама.

Тој додаде дека ЕУ е загрижена за кинеското, руското и за турското влијание на Балканот, но и дека овие три земји се единствените што му пристапиле на регионот со вакцини, пренесува Танјуг.