Свет
18. January 2016 - 15:19

Рахој апелира на итно формирање шпанска влада

Претседателот на шпанската техничка влада Мариано Рахој денеска изрази надеж дека новата влада ќе биде формирана „најбрзо што може“, предупредувајќи дека политичката неизвесност ја загрозува економијата.

По парламентарните избори во Шпанија, кои се одржаа на 20 декември минатата година, избран е парламент во кој не е лесно да се формира владеачко мнозинство.

Конзервативната Народна партија на Рахој освои мнозинство пратенички места, но нема апсолутно мнозинство.

- Очевидно е дека неизвесноста има последици. Поради тоа е многу важно да се осврнеме на таа работа... На Шпанија итно и е потребна влада, истакна Рахој.

Тој се залага за формирање широка коалиција составена од конзервативци, социјалисти и Сијудаданоси. Меѓутоа лидерот на социјалистите Педро Санчес нагласи дека неговата партија нема да учествува во тој сојуз.