Работната група до крајот на месецов ќе подготви нов Кривичен законик - се враќа и делото „злоупотреба на службената положба“
Работната група која го подготвува новиот кривичен законик нема да дозволи неказнивост за злоупотреба на службената положба која произлезе по неодмана донесените измени. Академикот Владо Камбовски, за Сител вели, слична измена предвидува и новиот закон, ама последната интервенција во кривичниот законик иницирана од владата е зачинета со политички договор. Сепак, таквата неказнивост нема да опстои во новиот закон. Злоупотребата во спроведување тендери ќе се регулира со посебен член.
„Сигурно дека ќе инсистираме на она што е наш предлог како работна група, посебно за делото 353 за кое во новиот текст, точно, избришан е ставот 5 кој стана проблематичен, но затоа е дадено едно посебно кривично дело на злоупотреба на службената должност при вршење на јавни набавки. Така што, ако се избрише ставот 5, мора да оди тоа кривично дело, инаку би останала една тешка форма на злоупотреба. Не дека нема да е казнета, тогаш сторителот ќе одговара за општото дело на злоупотреба, но нема да биде тоа дело одмерено, односно, вината на сторителот одмерувана според степенот на штетноста, односно, со построга казна. Така што, не ќе може да остане вака како што е да виси, значи да нема сега потешко казнување за злоупотреба при врешење на јавни набавки“, вели Владо Камбовски.
Според Камбовски, за донесување на новиот закон за аменстија неопходна е детална анализа која во моментов остсуствува. Вели потребни се аргументи дека пренатрупаноста е главен мотив за ослободување затвореници.
„Мислам дека треба да се види тој аргумент за пренатрупаност на затворите. Треба да се направи една споредбена анализа со другите земји. Ние имаме релативно висок процент на луѓе осудени на затвор, што во други земји, затворот претставува реткост за бројни дела. Во мнозинство тоа се парични казни и условни осуди. Значи една анализа треба да се направи. Јас не сум видел таква анализа, би сакал да видам конкретна анализа, не сум читал образложение на законот за стварно да се заклучи дека преполнетоста на затворот е главниот аргумент за едно вакво предвремено ослободување од издржување на казна или нејзино намалување“, вели Камбовски.
Примената на амнестија треба да е внимателен процес кој според Камбовски, ќе спречи на слобода да излезат и сторители или помагатели на грозоморни убиства или на штета на државата. Така, вели тој ќе се елиминира сликата на неказнивост.
„Мислам дека строгоста сепак треба да опстои до крајот затоа што кај тие дела се смета на генерално превентивното дејство на казната. Ако луѓето влегуваат во такви видови на криминал со надеж дека ќе добијат после некое време помилување. Тоа сигурно не делува многу, генерално превентивно на одвраќање кај потенцијалните сторители на такви дела“, појаснува Камбовски.
Законот за аменстија чека да влезе во Собранието.. На негово донесување ќе се спротистави опозцијата. Власта пак со амандман ќе спречи на слобода да излезат помагачи на тешки дела како што се осудените за Монструм. Министерот за внатрешни пак, вчера рече дека не е момент за Амнестија.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар