Свет
12. April 2017 - 10:52

Путин: Одлуката за доделување руско државјанство може да не важи за луѓе од ИД

Одлуката за доделување руско државјанство може да не важи за лица, кои членуваат во групацијата Исламска држава, изјави рускиот претседател Владимир Путин за телевизијата „Мир 24“.

- Согласно Уставот немаме право никого да лишуваме од државјанство, но можеме да ја поништиме одлуката, која послужила како основа за добивање руско државјанство. Ќе се консултираме со правници и сметаме дека во најскоро време ќе биде донесена таква одлука, рече Путин во интервју за телевизијата, во кое коментира сличен закон, усвоен во Казахстан.

Казахстанскиот претседател Нурсултан Назарбаев изјави вчера дека Казахстанците ќе бидат лишени од државјанство, доколку учествуваат во екстремистички организации.

- Тоа е неопходна мерка. Во екстремистички организации во странство има веројатно околу 500 до 600 наши граѓани. Од земјите од поранешен Советски сојуз сепак тие се многу повеќе, се тврди дека се околу пет илјади, можеби и повеќе, додаде Назарбаев. 

Акбаржон Џалилов, наводниот извршител на нападот во метрото во Санкт Петербург добил руско државјанство во 2011 година, благодарение на тоа дека неговиот татко долго време живеел во Санкт Петербург.

Директорот на Федералната служба за безбедност на Русија, Александар Бортников изјави дека терористичките групи во земјата се составени претежно од економски мигранти од земјите од ЗНД (Азербејџан, Ерменија, Белорусија, Казахстан, Киргистан, Молдавија, Русија, Таџикистан и Узбекистан).