Првата група бегалци од Нагорно-Карабах пристигна во Ерменија
Првата група бегалци кои побегнаа од Нагорно-Карабах денеска пристигна во Ерменија, јавија некои светски агенции чии новинари се на границата со енклавата населена претежно со Ерменци, во која Азербејџан неделава спроведе успешна блиц-офанзива.
Неколку десетици жители на областа, претежно жени, деца и стари лица, пристигнаа во прифатниот центар што го создаде ерменската влада во Корниџор.
Некои бегалци изјавија дека дошле од погранично село, додека други рекоа дека патувале долг пат во планинскиот регион Кавказ.
Азербејџанските сили денеска ги продолжуваат операциите за повторно воспоставување контрола над Нагорно Карабах, по офанзивата што предизвика конфузија околу судбината на 120.000 луѓе кои живеат во областа.
Ерменските власти во Нагорно-Карабах денеска соопштија дека цивилите кои останаа без покрив над главата поради последното насилство ќе бидат префрлени во Ерменија со помош на руските мировници кои таму се присутни од последната војна во 2020 година.
Азербејџан вети дека ќе им дозволи на бунтовничките борци кои ќе го положат оружјето да ја напуштат зоната и да заминат кон Ерменија.
Азербејџанското Министерство за внатрешни работи денеска соопшти дека ќе организира автобуски конвои за тие поранешни борци, додавајќи дека можат да си одат и со автомобил.
Сепаратистите и официјалните претставници на Баку во четвртокот ја одржаа првата рунда преговори за „реинтеграција“ на Нагорно-Карабах.
Планинскиот регион Нагорно-Карабах и дел од околните територии се под ерменска контрола од крајот на сепаратистичката војна во 1994 година, но Азербејџан ги врати териториите во шестнеделна војна во 2020 година.
Војната заврши со прекин на огнот со посредство на Русија и оттогаш контингент руски мировници е во Нагорно-Карабах.
Ново на Сител
-
Европол разби голема хакерска мрежа
-
Приведен штипјанец кој возел со 1,81 промили алкохол во крвта
-
Сиљановска-Давкова во посета на Италија и на Ватикан по повод манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“
-
Два случаи на мајмунски сипаници потврдени во Македонија
-
Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас во официјална посета во Скопје
-
УКИМ одбележува 76 години од основањето и патрониот празник Денот на светите Кирил и Методиј - 24 Мај
-
Г7 се обединуваат за да ги стабилизираат пазарите
-
Нуклеарните преговори меѓу САД и Иран влегуваат во критична фаза