Свет
13. July 2016 - 12:08

Прва ТВ дебата меѓу кандидатите за генерален секретар на ОН

Десетмина од 12-те кандидати за функцијата генерален серкетар на Обединетите нации синоќа учествуваа на првата телевизиска дебата во историјата на ОН. 

Дебатата се одржаа во салата на Генералното собрание и се емитуваше директно преку сателит на телевизијата Ал Џазира. 

Во период од по два и пол часа кандидатите ги изложија своите приоритети во случај да бидат избрани и одговараа на прашања за реформирањето на ОН, за наоѓањето начини за решавање на конфликтите и за други актуелни проблеми, како ситуацијата на Блискиот Исток, во Јужен Судан или климатските промени. 

Дебатата се одржаа во два круга. Во првиот учествуваа поранешниот португалски премиер Антонио Гутереш, министерот за надворешни работи на Аргентина Сусана Малкора и поранешните шефови на дипломатии на Молдавија, Наталија Герман, на Србија, Вук Јеремиќ и на Хрватска, Весна Пусиќ. 

По кусата пауза дебатата продолжи со учество на генералниот директор на УНЕСКО, Ирина Бокова, поранешната премиерка на Нов Зеланд Хелен Кларк, која ја раководи Програмата за развој на ОН, црногорскиот министер за надворешни работи Игор Лукшиќ, поранешниот претседател на Словенија, Данило Тирк и кандидатката од Коста Рика, Кристиана Фигерес, која до 6 јуни беше извршен секретар на Рамковната конвенција на ОН за климатски промени. 

Во своето обраќање Пусиќ изјави дека планира да се бори со цинизмот, со кои според неа се проткаени меѓународните односи и националните политики.

Малкора, пак изјави дека е соодветен кандидат за оваа функција, бидејќи тој што ја зазема оваа должност треба да биде доволно храбар, за да ја извршува улогата на лидер, но и доволно скромен за да ги слуша другите и да соработува со нив.

Гутереш изјави дека е потребно да се води борба против политичкиот популизам, ксенофобија, расизам и насилниот екстремизам, а Јеремиќ напомена дека подготвил политичка платформа од 53 точки, која ќе им помогне на ОН да минат низ епохата на длабоки трансформации. 

За одговор на прашањата кандидатите имаа по една минута. Секој од нив се заложи за реформи на Советот за безбедност на ОН и посочија дека во сегашната форма тој не одговара на меѓународните активности. 

Следната недела 15-члениот Советот за безбедност го почнува неформалното тајно гласање за избор на кандидат, кој ќе му го препорача на Генералното собрание на ОН.