Македонија
4. May 2017 - 20:16

Протестен марш на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ во Скопје

Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ попладнево го одржа 67-тиот протестен марш од пред зградата на Владата до Собранието.

Богдан Илиевски од граѓанската иницијатива во обраќањето пред народната канцеларија на претседателот Ѓорге Иванов, истакна дека се за избори како единствено решение за излез од политичката криза. Порача претседателот Иванов да биде доследен, да не попушта и да го чува суверенитетот на државата. 

Борис Дамовски од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ ги повика насобраните да ги наведнат знамињата во чест на апостолот, македонскиот револуционер Гоце Делчев, а да ги кренат за жива Македонија. 

- Тука сме повторно во центарот на оваа нефункционална држава, но тука сме затоа што ја сакаме и сакаме да биде функционална. Тука сме повторно пред Собранието во кое некој на шверцерски начин проба да протне тиранска платформа и да избере претседател на Собранието. Џафери не смее да биде претседател на Собранието, бидејќи е избран на незаконски начин, рече Илиевски. 

Според него, без оглед на целата поддршка што му ја даваат на Џафери, без оглед на тоа колку некој од надвор сака тој да има легитимитет, тој нема. 

.be

- Тоа не може никој да го промени. Тоа го вели Уставот, Законот за Собрание, Деловникот за работа, а ние само го артикулираме. Тоа не е ничија измислица, тоа се напишани зборови, ама зборови кои се темели на оваа држава. Оној кој сака да го руши темелот на Република Македонија, сака да ја руши и Република Македонија, посочи Илиевски.

Тој порача граѓаните се борат за правда и за правна држава. - Правдата ќе ги стигне сите кои се обидоа да го изведат ова скандалозно сценарио за државен удар. До тој ден продолжуваме, не се откажуваме, не може да не скршат, не може да не победат, порача Илиевски, кој читаше и неколку мисли од Гоце Делчев.

Актерот Петар Темелковски се осврна на историјата на Македонија и на сите неправди кои ги поминал македонскиот народ.

- Македонија не е само обична држава. Македонија е икона на Балканот, црква на Европа, манастир на светот, рече Темелковски.

Порача сите да размислуваат за Македонија, бидејќи, како што истакна, Македонија не е остаток туку душата на светот. Организаторите најавија протест и утре.

.be