Свет
3. July 2016 - 19:32

Пронајдени осум тела од урнатиот руски авион во Сибир

Руското Министерство за вонредни ситуации денеска објави дека се пронајдени телата на осум членови на екипажот на транспортниот авион „Иљушин Ил-76“, што летал со 11 членови на екипажот и стручњаци од противпожарната служба и во петокот исчезна од радарите при акција на гаснење пожар во Сибир, а потоа се урнал, пренесе ТАСС.

Руската агенција јави дека се пронајдени двете црни кутии од леталото, а шефот на Сибирскиот регионален центар на руското Министерство за вонредни ситуации, Сергеј Диденко, изјави дека авионот се урнал во Иркутската област.

-Авионот речиси целосно изгорел, освен делот кај опашката, наведе Диденко.

ТАСС наведува и дека Центарот за воздушно гаснење шумски пожари објавил дека падот на авионот предизвикал пожар во шумата .

Руската агенција додава дека пред тоа се појавиле наводи дека паданиот авион бил откриен четири километри од населбата Рибни Јан на краевите на еден рид.

Властите продолжуваат со потрагата по другите тела.

Гувернерот на Иркутската област, Сергеј Левченко, за утре прогласи ден на жалост.

Авионот му припаѓаше на руското Министерство за вонредни ситуации.