Македонија
17. јуни 2017 - 10:14

Промовирани нови 310 инженери на ФЕИТ

Факултетот за електротехника и информатички технологии синоќа во Македонскиот народен театар ги промовираше 310-те нови инженери од кои 210 дипломирани студенти и 100 магистри.  

На промоцијата присуствуваше министерката за образование и наука Рената Тренеска - Дескоска, деканот на ФЕИТ, професор д-р Димитар Ташковски и претставници од Деканатот на факултетот. 

Деканот Ташковски во своето обраќање потенцира дека Македонија секогаш има потреба од вакви кадри.

- Секогаш бидете свесни дека Македонија има потреба од Вас - луѓе кои ќе ги вложат своите потенцијали во развојот на општеството, лица кои ќе и помогнат на државата да го премости преодот од конвенционални кон обновливи извори на енергија и ќе ги внесат новите информациски и комуникациски технологии во сите области на делување. Се надеваме дека со Ваша помош, државата ќе ја подигнеме на уште повисоко научно ниво во нашата област, рече професор Ташковски.

Министерката Тренеска - Дескоска порача дека државните институции ќе ги отворат вратите за студентите и оти акцентот ќе биде ставен на мотивација на практикантите од ФЕИТ да ги споделат своите иновативни идеи.

- Владата ќе ги отвори вратите за студентите од Македонија да можат својата пракса да ја остварат во државните институции и да работат на реални проблеми и проекти од делокругот на работата на институциите, каде што може да најдеме заеднички интерес. Намерата е да го цениме квалитетот и тој да биде одлучувачки за вработување, а не роднински врски и партиска припадност, рече Десковска.

Проректорот за финансии, инвестиции и развој, професор д-р Билјана Ангелова порача дека скопскиот Универзитет, како најстар државен и најдобро рангиран Универзитет во Македонија, продолжува да се труди да ги издигне своите квалитети на уште повисоко ниво и го истакна ФЕИТ како еден од најдобрите факултети на УКИМ.

Од името на дипломираните студенти и магистри се обрати Дарко Мицев, кој рече дека се соочат со предизвиците кои ќе им бидат дадени во животот.

На промоцијата, на 38-те најдобро дипломирани инженери со просек над 9 им беа врачени награди од страна на ФЕИТ.