Македонија
26. December 2017 - 14:28

Прогласени најдобриот полицаец, пожарникар и крводарител на Град Скопје

Градот Скопје денеска ги прогласи најдобриот полицаец, пожарникар и крводарител за 2017 година. За најдобар пожарникар е прогласен Џеват Ибраими, командир на одделение  во Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, најдобар полициски службеник за 2017 година е Зоран Павловски, вработен во Одделението за безбедност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи – Скопје, а за најдобар крводарител е прогласен Зоран Стојменовски.

Признанијата ги врачи заменик-градоначалникот на Град Скопје Енвер Малиќи кој рече дека оваа награда треба да биде лична мотивација за секој од нив, но и добар пример за средината во која работат.

- Хуманоста е општествена вредност. Таа е дел од нашите принципи. Таа е дел од нашата етика. Скопје е Град на солидарноста и како таков ги негува традициите на хуманост и солидарност спрема сите оние на кои им е потребна помош. За таа цел Град Скопје дополнително ги мотивира оние што најмногу придонеле за промоција на хуманоста со своите дела, рече  заменик-градоначалникот Енвер Малиќи.

Ибраими посочи дека највпечатливо во оваа година му било учеството во акцијата за спасување на две лица на Водно кои биле извадени живи од провалија длабока 30 метри. 

Најдобриот полицаец својата хуманост ја изразил во помош на возач кој бил со бремена жена во возилото, а заглавен во сообраќаен метеж предизвикан од протест.

- Со возило со ротациски светла го извлеков од возилото и го спроведов до болница, рече при примањето на признанието Павловски. Подвлече дека во текот на оваа година напишал 700 казни на возачи.

Крводарителот кој беше прогласен за најдобар го прави ова дело од 1988 година и досега дарувал 104 пати.