Продолжува расправата за основаноста на предлогот за импичмент на претседателот Иванов

Во Собранието на Република Македонија денеска повторно треба да се состане Комисијата за оценување на основаноста на Предлогот за покренување постапка за утврдување одговорност на претседателот Ѓорге Иванов поради неговата одлука за аболиција.
Комисијата треба да ја продолжи расправата по предлогот за импичмент на претседателот, поднесен од пратениците од опозицијата.
Расправата почна вчера, а Комисијата има рок до понеделник да подготви финален извештај што потоа треба да го образложи на пленарна седница во Собранието.
Пратениците од опозицијата на вчерашната комисиска дебата оценија дека со акциите за помилување Иванов ја продлабочил политичката криза, ја злоупотребил функцијата и прекршил неколку одредби од Уставот. Според нив, претседателот немал правна основа да донесе помилување без да биде претходно спроведена постапка.
Членовите на Комисијата од ВМРО-ДПМНЕ, пак, сметаат дека барањето на опозицијата за импичмент на Иванов е неиздржано и негова цел е да се удри врз институцијата претседател. Според нив, одлуката на претседателот Иванов е уставна и издржана.
Пратениците од владејачкото мнозинство го оценија како неосновано и барањето на нивните колеги од опозицијата претседателот Иванов да биде повикан да присуствува на седницата.
Комисијата за импичмент на Иванов има 11 члена, а нејзин претседател е пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Зоран Илиоски, од чија пратеничка група има уште пет члена. По два члена има од ДУИ и од СДСМ, а еден член е од ДПА.
Опозицијата ја иницираше постапката за импичмент на 13 април, ден по одлуката на претседателот Иванов за помилување 56 лица. На 27 мај тој ја повлече аболицијата за, како што наведе, 22 политички експонирани лица. Иванов ги упати преостанатите 34 лица кои не сакаат да бидат помилувани, да си поднесат барање за поништување на одлуките кои се однесуваат на нив.
Ново на Сител
-

Мајка и татко од липковско психички и физички ја малтретирале својата 18-годишна ќерка
-

Уапсен 82-годишен маж, подолго време ја тепал својата 78-годишна сопруга
-

Кривична за 68-годишник од Демир Хисар, дома чувал четири различни видови на огнено оружје и 155 куршуми
-

Просечната нето плата во јуни 48.381 денар
-

Клековски: Средствата за прскање против комарци се безбедни за луѓето и се препорачани од СЗО
-

Мицкоски: Како држава годинава се справуваме најдобро со пожарите
-

Во водите на Охридското Езеро утре ќе се одржи 39. „Охридски пливачки маратон“
-

Николоски: Изградбата на автопатот Прилеп - Битола e со одлична динамика, првите километри следната година
