Македонија
6. јуни 2016 - 8:32

Продолжува расправата за основаноста на предлогот за импичмент на Иванов

Во Собранието на Република Македонија денеска треба да продолжи со работа Комисијата за оценување на основаноста на Предлогот за покренување постапка за утврдување одговорност на претседателот Ѓорге Иванов поради неговата одлука за аболиција. 

Ова е трето продолжение на Комисијата, која од изгласувањето од Парламентот за седум дена треба да изготви извештај за тоа дали предлогот на опозицијата за импичмент на претседателот на државата е основан или не е. Рокот за изготвување извештај истекува денеска. Кога извештајот ќе стаса до претседателот на Собранието, тој треба да закаже седница на која ќе се расправа за предлогот. 

Предлогот за покренување постапка за утврдување одговорност на претседателот Ѓорге Иванов го поднесоа пратениците од СДСМ и коалициските партнери, а тој е поддржан и од пратениците од ДУИ, врз основа на нивните ставови изнесени на Комисијата. 

Од ВМРО-ДПМНЕ нагласуваат дека се против одлуката на Иванов за аболиција, но сметаат дека таа не е ниту незаконска ниту противуставна.