Македонија
24. February 2024 - 16:38

Проблемот со пасошите и инфраструктурата го направија стопанството во Прилеп слепо црево во државата

Развојот на инфраструктурата во цела Пелагонија како и поголемата соработка на бизнис секторот со институциите како на централно, така и на локално ниво ќе бидат приоритетите на прилепското стопанство за 2024 година. Долго време овој регион е заборавен од институциите и прерасна во слепо црево без модерна поврзаност со останатите региони. Дел од патиштата засега останаа само на ветување, а дел пак градат со години и никако да се завршат. Бидејќи ова е изборна година се очекува таа да биде најтешка за оние компании кои соработуваат со државата.

„Ние како Комора сметаме, или се надеваме дека оние заклучоци кои ги донесовме на форумот и оние потреби кои ги има стопанството ќе пробаме во овој предизборен период да ги доставиме до политичките партии, да ги инкорпорираат во нивните програми и да овој пелагониски регион кој е најголем по допринос во БДП после скопскиот регион, сметаме дека подобро ќе се развива. Се надеваме на брза реализација на експресниот пат, се надеваме да отпочне и реализацијата на автопатот, но тие се работи кои не се во наш домен. Да продлабочи и соработката со Општината во делот на изработка на детални урбанистички планови, да побараме еден нов детален урбанистички план, сите тие работи за развој и раст на стопнаството“, истакна Никола Мариновски, претседател на Регионална стопанска комора – Прилеп.

Тешката ситуација за стопанството дополнителна ја усложнува и проблемот со новите патни исправи кои влијаат како врз граѓаните, така и врз целиот бизнис сектор.

„Извозните дејности трпат намногу, секој оној кој треба да излези од државата трпи најмногу и не смееше да се доведиме во ваква ситуација, но некои не работи не зависат од нас стопанствениците, треба политичарите за тоа што се платени да си ја завршат својата работа“, додаде Сашо Самарџиоски, потпретседател на Регионална стопанска комора Прилеп.

Според дел од бизнисмените во периодот кој следува мора компаниите во својот фокус да го стават работникот, ако сакаме како општество да го намалиме иселувањето и работниците да ги задржиме дома.

„Она што си препорачувам и себе си и на сите работодавци во Прилеп е дека главниот фокус треба да ни биде животниот стандард на луѓето, без добар животен стандард, без среќен работник никогаш нема да ја постигнеме целта и нашата визија и мисија. Затоа следи период каде фокусот треба да биде на онај кој ја ствара таа додатна вредност, а тоа е работникот“, истакна Ирена Јакимоска, потпретседател на Регионална стопанска комора – Прилеп.

Немањето доволно работна рака како проблем за бизнис секторот особено ќе се почувствува во перидот кој следи, кога голем дел од граѓаните заминуваат на сезонска работа во странство.