Македонија
11. December 2025 - 12:47

Природниот гас меѓу потреба и ризик: Како новата инфраструктура ја менува енергетската слика на Македонија?

Во фокусот на јавноста повторно е прашањето за иднината на гасната транзиција во Македонија. Новата Анализа, што беше подготвена од страна на Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест -Скопје во партнерство со Регионалниот центар за истражување на енергетски политики од Унгарија, се осврнува на два големи инфраструктурни проекти: изградбата на новиот гасен интерконектор со Грција и планирањето на гасни електрани со комбиниран циклус во Битола и Неготино.

Главната цел на новиот гасовод Грција–Македонија е јасна: обезбедување на повеќе извори на снабдување и намалување на зависноста од единствената досегашна рута преку Бугарија. Со оваа врска, државата добива пристап до LNG пазарите и до гас од Азербејџан преку гасоводот ТАП, што значително ја подобрува енергетската сигурност.

Но, како што покажува Анализата, доколку паралелно се реализира изградбата на планираните гасни електрани, се очекува огромен раст на побарувачката за гас. Проекциите покажуваат потенцијален скок од сегашните приближно 3 TWh на околу 13 TWh годишно, што отвора низа прашања за идните трошоци и пазарната стабилност.

Ана Чоловиќ Лешоска, извршна директорка на Еко-свест, појасни дека Анализата се темелела на комплексно пазарно моделирање, користејќи го Европскиот модел за пазар на гас и оној за пазар на електрична енергија. Истражувачите, како што наведе Чоловиќ Лепоска, тестирале различни сценарија, вклучувајќи го и она со/без нов гасовод и електрани, како и променливи цени на гасот.

„Само со новиот гасовод, локалната цена на гасот се намалува за околу 1,5 евра за мегават-час. Доколку се изградат и гасните постројки, намалувањето е помало – само помеѓу 0,3 и 0,5 евра за мегават-час. Гасоводот ГР-МК се користи речиси до полн капацитет, но заради високата побарувачка, и стариот бугарски гасовод останува потребен“, објасни извршната директорка на Еко-свест. 
Осврнувјќи се на електричната енергија, таа посочи дека моделирањето покажува краткорочна корист. 

„Намалувањето на цената за потрошувачите е околу 10 евра за мегават-час во 2030 година. Меѓутоа, овој ефект е краткотраен и до 2040 година, намалувањето е речиси занемарливо, главно поради конкуренција, односно вклучувањето на други гасни централи во регионот. Искористеноста на македонските гасни постројки, иако висока на почетокот, драматично паѓа до 2040 година, загрозувајќи ја нивната профитабилност“, потенцираше Чоловиќ Лешоска. 

Таа заклучи дека, доколку изградиме гасни електрани, но не се приклучиме на ЕТС системот на време, инвеститорите би можеле да лобираат за пролонгирање на нашето приклучување. 

„Ова може да ја зајакне нивната профитабилност на краток рок, но резултатот е катастрофален: значително повисоки емисии на CO₂ и на локално и на регионално ниво“, поентираше извршната директорка на Еко-свест. 

Системот за тргување со емисии (ЕТС) претставува клучен инструмент на Европската Унија за намалување на емисиите на CO₂ од индустриски и енергетски капацитети. Доколку Северна Македонија се приклучи на него, трошоците за работење на гасните електрани дополнително ќе пораснат, што ја намалува нивната економска оправданост.

Главната поента на анализата е јасна: иако додатната гасна инфраструктура обезбедува сигурност на снабдувањето, нејзината долгорочна одржливост е под сериозен знак прашање — и економски и еколошки.

Одлуката која патека ќе се избере – зголемена зависност од фосилни горива или побрза транзиција кон обновливи извори – ќе ја одреди насоката на македонската енергетска иднина.

Комерцијален текст