Презентирана нова интернет платформа за следење на општинските проекти финансирани од Владата
Преку посебна веб страна ќе се следат општинските проекти финансирани од Владата. Прво се избира област, а потоа се пребарува по општина, институција или конкретен проект. Со само неколку кликови се појавуваат сите податоци: колку чини проектот, кога почнал, што е сработено и кој е крајниот рок. Достапни се и фотографии и видеа од терен. Информациите се обновуваат во реално време. Дополнително, платформата е отворена и за прашања од граѓаните.
„Електронската идентификација дава клучна можност за безбедна идентификација на граѓаните, но и за директна комуникација со институциите. Кога ќе влезете на страната има определено можност граѓаните да постават прашање за одреден проект, да отворат тема, проблематика, тоа е наша стратешка дигитална трансформација којашто ја имаме и ќе можат да отворат теми кои се важни за нивната заедница за коишто како Влада не сме биле запознаени, да го адресираат прашањето, а институцијата ќе има обврска да одговори“ - Марија Митева, портпаролка на Владата
Од првиот јавен повик опфатени се 288 проекти вредни 75 милиони евра. Најголемиот дел од нив се целосно завршени, триесетина се во финална фаза, а останатите се во тек или наскоро напочнуваат.
„Ова не се само бројки. Ова се нови улици, плоштади, водоводни и канализациски мрежи, нови паркови, фекални системи, нови спортски објекти, културни содржини, нови училишта и нови градинки. Ова се над 220 капитални проекти во инфраструктурата, над 40 проекти во животната средина, 7 во спортската инфраструктура, 5 проекти во културата, и над 10 значајни инвестиции во образованието“ – Христијан Мицкоски, премиер
Преку вториот јавен повик, пак, се финансираат 828 проекти за над 225 милиони евра. Од нив педестина се завршени или во финална фаза, а за над 500 се потпишани договори за реализација.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
