Македонија
3. September 2018 - 15:37

Превозот на учениците и учебниците главни теми на денешната собраниска расправа

Бесплатниот превоз на учениците, печатењето учебници и воопшто состојбата во македонското образование беа во фокусот на првиот ден од учебната година на 58. пленарна седница на Собранието.  

Бесплатниот превоз на ученици во иднина на подрачјата на општините каде што има утврден возен ред би се вршел од страна на носителите на дозвола за општински и меѓуопштински линиски превоз, по цени и на начин утврдени од советите на општините и Советот на Град Скопје. Цените на меѓуопштинскиот линиски превоз не можат да бидат повисоки од цените за останатите патници.

Ова е предвидено во законот за дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај, по скратена постапка, чии предлагачи се пратеници од владејачкото мнозинство, а што беше донесен денеска во Собранието.

Пратеникот Александар Кирацовски го образложи предлогот посочувајќи дека со менување на начинот на превоз на овие ученици од основно и средно образование ќе се заштеди многу. Во Битола, кажа Кирацовски, на пример годишно би се заштедиле над 10 милиони денари.

Кирацовски беше дециден дека ова законско решение ќе профункционира и учениците ќе бидат превезени, и тие се во согласност со регулативата за јавните набавки отфрлајќи ги тврдењата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Дебатата за превозот на учениците на моменти се претвори во дебата за образованието и референдумот. Така Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ обвини дека иако денеска почна учебната година, нема учебници за децата и дека Владата на 31 август склучила договори во четири очи без тендер од 7,5 милиони евра за учебници. Овие пари, според него, треба да ги поделат две компании.

- Дали во Македонија има потреба од тендери и финансиска инспекција, праша Ѓорчев.

Во однос на  превозот на ученици,  пратениците од ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека со ова целосно се трга настрана законот за јавни набавки, дека родителите на децата не се консултирани дали сакаат нивните деца до училиште и назад да патуваат со јавен превоз, дека не понудиле анализа каде нема јавен меѓуопштински превоз и како тие ќе одат на училиште, но и дека градоначалниците од владејачките партии кривично ќе одговараат.

Според пратеничката Лилјана Затуровска една од причините поради која се менува законското решение е тоа што поранешниот градоначалник на Битола не направил никаков прекршок и дека сегашната градоначалничка на Битола треба да ја направи истата постапка.

- Ги озаконувате криминалите на градоначалниците кои треба да ги прават во сферата на превозот, рече Затуроска, додавајќи дека нема конкуренција, има дискриминација на превозниците, нема јавни набавки.

Кирацовски кажа дека сега има домаќински јавни набавки. Ги праша пратениците од опозицијата дали сакаат поскап наместо поевтин превоз, наместо за 60 денари од Новаци до Битола да се превезуваат за 400 денари. Пратеникот на СДСМ потенцираше дека јавна набавка има за превоз на патници на секои четири години, а јавна набака за превоз на ученици ќе има за сите подрачја каде што нема линиски превоз.   

Горан Милевски од ЛДП посочи дека до некои населени места од Битола цената со редовна автобуска линија е 40 или 60 денари додека превоз на дете со автобускиот превоз за ученици е над 270 денари по дете. Според него, максимално ќе се намалат трошоците.

Артан Груби од ДУИ, реплицирајќи му на Ѓорчев, потенцираше дека двете издавачки куќи што ќе ги поделат парите за печатење на учебници за основно и средно образование се истите што тоа го правеле од 2008 година наваму, но оти сега цената е намалена за 40 отсто. Според Груби, целата постапка е потранспаретна.

- Првпат има 22 корегирани учебници со кои нашите ученици ќе учат, рече Груби, кој рече дека министрите за образование од ВМРО-ДПМНЕ Спиро Ристовски и Никола Тодоров договорите за печатење учебници го случувале во „три очи“. 

Ѓорчев го потсети дека ДУИ беше во власта сите години додека и ВМРО-ДПМНЕ.  

Во рамки на 58. пленарна седница беа донесени и измените и дополнувањата на Законот за финансиската инспекција во јавниот сектор, по скратена постапка поставен од пратениците Јован Митрески, Костадин Костадинов и Реџаиљ Исмаили, Законот за гаранција на Република Македонија на обврските по Финансискиот договор, наменет за финансирање на мали и средни претпријатија и други приоритетни проекти - V фаза, кој ќе се склучи  меѓу ЕИБ и Македонската банка за поддршка на развојот, по скратена постапка и други.