Македонија
11. July 2016 - 15:49

Претседателот Иванов ги прими уметниците што ќе го отворат „Охридско лето“

Претседателот Ѓорге Иванов денеска во „Вила Билјана" во Охрид ги примил оперската ѕвезда од Латвија Елина Гаранча, светски познат мецосопран и австрискиот диригент, маестро Ион Марин,  со чијшто настап утревечер, свечено ќе биде отворено годинешното 56. издание на фестивалот „Охридско лето“.

Кабинетот на претседателот соопшти дека на средбата на којашто присуствувале и организаторите на фестивалот, претседателот Иванов им‎ посакал добредојде на уметниците во Македонија и изразил очекување дека нивната сценска изведба ќе остави особен белег на годинешниот фестивал „Охридско лето“. 

Организаторите на фестивалот го информирале претседателот Иванов за програмата и настаните на‎ годинешното издание на „Охридско лето“, подвлекувајќи дека Македонија и Охрид годинава ќе бидат домаќини на околу 800 уметници, изведувачи и автори од 18 земји во светот.

Македонскиот претседател истакнал дека‎ фестивалот се вбројува во низата најуспешни настани во Република Македонија, кој овозможува презентирање на најзначајните светски културни достигнувања пред македонската публика, истовремено промовирајќи ја македонската уметност, култура и традиција во светот.

Манифестацијата „Охридско лето"  традиционално се одржува под покровителство на Претседателот на Република Македонија.  На утрешното отворање на 56. издание на фестивалот, оперската певица Елина Гаранча и маестро Ион Марин, ќе настапат во придружба на оркестарот на Македонската опера и балет.