Преглед на вестите од светот
Втората рунда директни преговори помеѓу руската и украинската делегација во Истанбул заврши за нешто повеќе од еден час. Средбата заврши без негативен резултат, изјави портпаролот на турското Министерство за надворешни работи Онџу Кечели. На средбата Русија и достави на Украина меморандум со условите за целосен прекин на огнот, а Украина предаде список со имињата на киднапираните украински деца, кои треба да бидат вратени во татковината.
По завршувањето на средбата се огласи и украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој наведе дека се подготвува нова размена на воени заробеници, претходно, руските медиуми јавија дека на средбата се разговарало на руски јазик.
Украина доби покана за претстојниот Самит на НАТО во Хаг. Зеленски истакна дека поканата е од исклучително значење за Украина, која со последната операција смета дека ја врати довербата на партнерите дека Украина е во состојба да продолжи да ја води својата војна против руската инвазија. Зеленски не кажа дали тој ќе отпатува во Холандија. Самитот на земјите-членки на воениот сојуз НАТО е закажан да се одржи во Хаг за нешто помалку од три недели.
Како и на првата средба помеѓу украинската и руската делегација, што се одржа во Истанбул на 16 мај, беше договорена размена на воени заробеници „1.000 за 1.000“, а за следната размена треба да бидат вклучени тешко повредени, тешко болни и малолетни заробеници, како и враќање на телата на загинатите војници во формат 6.000 за 6.000.
Турскиот претседателот Реџеп Тајип Ердоган изјави дека Истанбул или Анкара можат да бидат место за средба помеѓу Зеленски и Путин, на која би присуствувал и Трамп.
Министерот за одбрана на Украина, и главен преговарач Рустем Умеров изјави дека Киев предложил следниот круг мировни преговори и да се одржат до крајот на јуни.
Израелската војска синоќа повика на евакуација на жителите на Кан Јунис, град во јужниот дел на Појасот Газа. Израелските сили „ќе оперираат со целосна сила“ во одредени населби каде што „терористичките организации, првенствено Хамас, ги продолжуваат своите активности“. - Заради ваша безбедност, веднаш евакуирајте се на запад кон Ал-Маваси, додаде тој.
Едно дете почина откако земјотрес со јачина од 5,8 степени според Рихтерова скала го погоди западниот брег на Турција ноќеска, околу 2:15 часот по локално време. Турските власти кажаа дека земјотресот најмногу се почувствувал во крајбрежниот град Мармарис, каде што 14-годишно девојче било хоспитализирано поради напад на паника, по што починало. Гувернерот на Мармарис, Идрис Акбијик, изјави дека 69 лица се повредени откако скокнале од повисоки места за време на земјотресот. Земјотресот е почувстуван и на грчкиот остров Родос, бидејќи епиценатрот бил на 23 километри. Од грчка страна засега не се пријавени поголеми штети. жителите на островот излегле на улиците.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар