Loading Video...
Свет
27. May 2024 - 16:42

Преглед на вестите од светот

Европската Унија одлучува дали да ја продолжи  граничната цивилна мисија во Рафа, откако Израел ја продолжи својата воена акција во јужниот дел на Појасот Газа. Високиот европски претставник Жозеп Борел вели дека и покрај пресудата на Меѓународниот суд на правдата кој го повика Израел веднаш да ги прекине нападите, тоа не се почитува. Го обвини израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека користел лажни наводи за антисемитизам против Меѓународниот кривичен суд за свои политички цели. За да биде вратена цивилната мисија треба да добие согласност од 27-те земји-членки на ЕУ.

А во појасот Газа раселените палестинци поминаа уште една тешка ноќ, најмалку 40 луѓе биле убиени, а десетици други, повеќето жени и деца, биле ранети во последниот израелски напад.

Беспилотно летало со долг дострел, управувано од украинската воена разузнавачка служба (ХУР), изврши напад на воениот радар за рано предупредување на балистичката ракета „Воронеж М“. Радарот бил лоциран во градот Орск во руската област Оренбург, јавува Киев Индипендент повикувајќи се на извор од разузнавачките служби. Руските медиуми објавија дека дронот паднал во Новоорск, предградие на Орск, а целта му бил воен објект. Не се споделуваат извештаи за штети или жртви во нападот.

По повеќе од 24 години прв пат француски претседател доаѓа во Германија. Емануел Макрон како дел од тридневната државна посета го посети Меморијалот на Холокаустот во Берлин, посветен на Евреите убиени од нацистите. На Макрон му се придружија неговите германски колеги. Според агендата, денеска се очекува да одржи говор во Дрезден, пред да отпатува за Мунстер за да ја прими Меѓународната награда за мир.

Парламентарното собрание на НАТО ја одобри препораката за унапредување на статусот на Косово од членка набљудувач во придружна членка. На седницата на Собранието што се одржа во Софија, Бугарија, мнозинството земји гласаа „за“, една земја беше „против“, а 14 други земји беа воздржани. Делегацијата на српскиот парламент пред неколку дена со писмо побара да не се подобрува статусот на Косово.