Loading Video...
Свет
18. April 2024 - 12:18

Преглед на вестите од светот

Хрватската демократска заедница (ХДЗ) освои 60, а Социјалдемократската партија (СДП) 42 мандати на парламентарните избори во Хрватска одржани вчера, покажуваат податоците на Државната изборна комисија, по преброени 98 отсто од гласовите. За формирање влада потребна е поддршка од најмалку 76 од вкупно 151 пратеник во Саборот. Гласале 61,99 отсто од избирачите. Право на глас на изборите имаа околу 3,7 милиони луѓе, што е за 127.000 помалку од пред четири години.

Премиерот на Хрватска и претседател на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) Андреј Пленковиќ најави дека од дeнеска ќе започне разговори за формирање. Тој оцени дека опозициската Социјалдемократска партија не заслужува да формира влада, туку тоа треба да го направи ХДЗ како победник на изборите.

Од друга страна, и претседателот на најголемата опозициска партија СДП, Пеѓа Грбин, најави дека од денеска ќе започне разговори за можна постизборна коалиција со партиите кои најавија дека нема да коалицираат со ХДЗ. Кандидат за премиер на СДП е претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ. Тој не беше на листата на СДП, бидејќи Уставниот суд му забрани да го стори тоа, со оглед на тоа што претходно не поднесе оставка од функцијата претседател на државата.

САД го прифатија планот на Израел за копнена операција во јужниот дел на Газа во градот Рафа во замена за неизвршување на голем напад врз Иран, пишува „Тајмс оф Израел“, повикувајќи се на неименуван египетски функционер. Тој додаде дека Египет се подготвува за можните последици од инвазијата каде, според израелските медиуми, се верува дека се наоѓаат четири баталјони на палестинската милитантна група Хамас и над милион цивили кои побегнале таму од другите делови на Појасот Газа, а се сомнева дека таму се и лидерите на Хамас и израелските заложници, пренесува Танјуг.

Според неименуван израелски функционер, дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го променил планот за одговор на нападот на Иран по разговорот со американскиот претседател Бајден. Воедно тој појасни дека одговорот на Израел ќе се случи, но дека ќе биде поинаков од планираниот.

И додека има релативно примирје децата на раселените семејства си играат на една од плажите во Газа. Стотици илјади луѓе ги напуштија своите домови во северниот дел на Газа за да побараат засолниште во шатори, училишта или домови на пријатели и роднини во јужниот дел на појасот. Плажата во Деир Ал Балах беше преполна со жители кои сакаа да уживаат во топлото време кое ги погодува палестинските територии оваа недела.

Обединетите Арапски Емирати и натаму се мачат со последиците од досега невидените дождови кои доведоа до застој во голем дел од земјата. Најголем проблем секако е функционирањето на меѓународниот аеродром во Дубаи, еден од најпрометните на светот, откако невремето во вторникот ја поплави пистата, што резултираше со пренасочување, одложувања и откажувања на летови.

Аеродромот утрово соопшти дека почнал да прима влезни летови на Терминалот 1, што го користат странските авиопревозници, но и дека летовите и натаму се одложуваат. Вчера беа откажани околу 300 летови на аеродромот, а уште стотици беа одложени. Од аеродромот, кој лани услужил повеќе од 80 милиони патници, помалку само од Атланта, предупредија дека за закрепнувањето ќе биде потребно некое време.