Loading Video...
Свет
4. September 2026 - 12:17

Преглед на вестите од светот

Иран лансираше ракетни напади и удари со беспилотни летала врз две американски бази едната во Кувајт, а другата во Обединетите Арапски Емирати и денеска вети дополнителни акции. Според соопштението објавено од одделот за односи со јавноста на иранската армија, во раните утрински часови била таргетирана американската воздухопловна база во Кувајт.

Во нападот се оштетени комуникациските системи и хангарите за борбени авиони. Покрај тоа, иранската војска употребила ракети и дронови за да погоди објекти и радарски системи и во американската база во Обединетите Арапски Емирати. Иранските медиуми денеска објавија дека шестмина ирански војници загинале во американските напади врз јужен Иран во вторникот, а меѓу загинатите има и тројца пилоти од воздухопловните и морнарските сили.

Дополнително, од иранското Министерство за здравство денеска соопштија дека во периодот од неделата до средата, вкупно 18 лица загинале, а 142 биле повредени во американските удари низ земјата.

Паралелно со воените тензии, американскиот потпретседател Џеј Ди Венс денеска изјави дека САД нема да преговараат со Иран сѐ додека Техеран не престане со нападите врз комерцијалните бродови во Ормутскиот Теснец. Венс исто така истакна дека Соединетите Држави ја истражуваат информацијата за нападот во кој, според тврдењата на Техеран, била погодена свадбена свеченост во јужен Иран. Според иранските медиуми, американска ракета во вторникот вечерта погодила дом во областа Сирик, каде што десетици луѓе биле собрани на свадба на ќерка на локален рибар, при што загинале четири лица, а 68 биле повредени.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони постигна историски политички успех. Со точно 1.413 дена на чело на извршната власт, нејзиниот кабинет официјално стана најдолговечната влада во целата историја на Италијанската Република, соборувајќи го досегашниот рекорд на вториот мандат на Силвио Берлускони. За земја која во изминатите осум децении беше препознатлива по кратките владини мандати, честите кризи и постојаните промени на политичките коалиции, овој резултат претставува необичен период на политичка стабилност. Иако на почетокот на нејзиниот мандат европските престолнини гледаа со доза на резервираност поради нејзините националистички позиции, Мелони успеа да ја зацврсти својата позиција преку прагматична политика, тесна соработка со партнерите од Европската Унија и испраќање пораки за стабилност до финансиските пазари.

Доналд Трамп изјави дека САД ќе бараат европските земји да им ги вратат парите за воената помош што му беше испратена на Киев. На својата мрежа Truth Social, тој напиша дека САД „бесплатно“ дале стотици милијарди долари за Украина и НАТО, и дека сега тие пари треба да се вратат. Покрај тоа, Трамп ги демантираше вестите дека американските залихи на оружје се речиси празни поради војната со Иран, додавајќи дека Бајден потрошил многу повеќе муниција за Украина отколку што се употребило во Иран.