Преглед на вестите од светот
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи, во понеделник изјави дека примарен приоритет на нацијата е да се стави крај на сите регионални војни, а воедно да се остане посветен на искрен дипломатски ангажман.
„Сите барања на Иран се разумни и одговорни предлози. Тие се усогласуваат не само со националните интереси на Иран, туку и со благосостојбата, стабилноста и безбедноста на целиот регион и светот. За жал, САД сè уште инсистираат на еднострани ставови и неразумни барања, кои во голема мера се засноваат на начин на размислување под влијание на Израел“.
Багаи рече дека Иран нема да прифати никакво надворешно мешање што ја поткопува довербата и безбедноста во регионот. Портпаролот нагласи дека непосреден приоритет е да се прекинат сите форми на војување, вклучително и конфликтот меѓу Либан и Израел. Тој, исто така, ја истакна потребата од обезбедување на безбедноста на пловидбата во Персискиот Залив и Ормутскиот теснец, повикувајќи на прекин на нелегалните американски акции против иранските трговски бродови.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека ќе ја суспендира наплатата на федералната такса на бензин за да им помогне на Американците да се соочат со повисоките цени на горивото, поттикнати од војната против Иран.
Иран, по американско-израелскиот напад на 28 февруари, го затвори Ормутскиот Теснец преку која од Персискиот Залив во светот поминуваше околу 25 отсто од светскиот извоз на нафта. Затворањето доведе до глобален скок на цените на нафтата и до потреси на светските пазари. Откажувањето на данокот бара од Конгресот, кој моментално е контролиран од републиканци на Трамп, да донесе закон.
Поканата на рускиот претседател Владимир Путин до американскиот колега Доналд Трамп да ја посети Русија сè уште важи, соопшти денеска Кремљ.
- Сигурен сум дека рускиот претседател би бил воодушевен да го дочека својот американски колега во Москва – изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. Во август 2025 година беше одржан самит Путин-Трамп во воена база во близина на Енкориџ на Алјаска. Шефовите на државите на Русија и САД последен пат имаа телефонски разговор на 29 април.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во понеделник изјави дека Русија нема намера да ја заврши повеќе од четиригодишната војна со неговата земја и дека Киев се подготвува за понатамошни напади.
„Денес немаше тишина на фронтовската линија. Борбените дејствија продолжија. Сето ова го документиравме. Исто така, гледаме дека Русија нема намера да ја заврши оваа војна. И ние, за жал, се подготвуваме за нови напади. Но, мирот мора да дојде. Токму за тоа работиме. Одбраната на Украина, независноста на Украина и безбедноста на нашиот народ - ова се најважните работи.“ Америка останува во дипломатскиот процес. Јасно е дека војната во Иран во моментов привлекува најголемо внимание од Америка и од претседателот на САД.“ Но, таму постои приоритет и поддршка од американскиот народ за да се стави крај на оваа војна и во Европа.“
Зеленски, изјави дека околу 20 земји се во преговори со Украина за набавка на нејзини дронови. Тој додаде дека токму војната што ја води Русија влијае на технолошките промени на глобално ниво – особено на брзиот развој на воените технологии.
-

Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар
