Loading Video...
Свет
11. December 2025 - 12:33

Преглед на вестите од светот

Бугарскиот парламент денеска ќе одржи гласање за недоверба на владата на премиерот Росен Жељасков, шесто такво гласање откако ја презеде власта на 15 јануари оваа година. Инаку, вчера вечерта избувнаа протести во градовите низ Бугарија против малцинската влада и она што противниците го нарекуваат нејзин неуспех да се справи со ендемската корупција во најсиромашната земја-членка на Европската Унија. Владата неодамна го повлече својот буџетски план за 2026 година по националните протести против планираните зголемувања на даноците за финансирање на повисоките трошоци. Неодамнешните протести доведоа до тепачки меѓу полицијата и демонстрантите.

Стотици трактори ја блокираа раскрсницата Никаја на автопатот Атина-Солун во средата како дел од широко распространетите блокади на земјоделците кои со денови ги прекинуваат главните грчки автопати, во услови на растечки гнев поради доцнењата и недостиг од повеќе од 600 милиони евра помош од ЕУ и други исплати.

Доцнењата беа предизвикани од истрагите за корупциски скандал во кој некои земјоделци, потпомогнати од државни службеници, лажно го претставувале сопствеништвото на земјиштето. Тековните ревизии ги забавија последователните исплати.

Централно-десничарската влада на Киријакос Мицотакис, која е критикувана поради скандалот, изјави дека е отворена за дискусии и ги повика земјоделците да ги прекинат блокадите. Призна доцнења во исплатите и рече дека земјоделците наскоро ќе добијат поголема помош.

Добитничката на Нобеловата награда за мир, Марија Корина Мачадо, се појави на балконот на хотелот „Гранд“ во Осло доцна синоќа откако тајно избега од Венецуела. Таа пристигна во Осло среде ноќ, изјави шефот на Нобеловиот комитет, откако не успеа да стигне до норвешката престолнина на време за да ја прими наградата на церемонијата одржана неколку часа претходно.
58-годишната добитничка на наградата тајно ја напушти својата држава спротивно на децениската забрана за патување што ја воведоа властите во Венецуела и откако помина повеќе од една година во криење. Нобеловата награда за мир се доделува во Осло, а другите Нобелови награди се доделуваат во Стокхолм на истиот ден - 10 декември, датумот на смртта на Алфред Нобел.

Претседателот Володимир Зеленски во текот на вчерашниот ден изјави дека со украинскиот парламент разговарал за правни и други прашања поврзани со можноста за одржување избори и ги повика другите земји, вклучително и САД, да не вршат притисок врз ова прашање. Зеленски, исто така, рече дека разговарал за плановите за реконструкција на Украина со американскиот секретар за финансии Скот Бесент и други високи американски функционери.

Кошаркарскиот тим од Тел Авив, Макаби Тел Авив, тренираше во својата сала во Тел Авив како знак на враќање на домашните натпревари од Евролигата по прекинот на огното во Газа. Евролигата е првата која ги врати спортските натпревари на територијата на Израел по 7.октомври 2023. Ваква одлука е донесена откако клубовите се согласија по прекинот на огнот и мировните иницијативи. Овој натпревар ќе биде втор кошаркарски во Израел оваа сезона, откако Хапоел Ерусалим го пречека Хамбург во Еврокупот во вторникот.